Често пати децата прашуваат зошто мама и тато мора да работат, обично со нежни и невини гласови кои порачуваат дека со тоа им го крадеме времето, вниманието, а нивната љубов ја насочуваме кон нашата работа.
Некој можеби така и се чувствува, особено ако се тргне од претпоставката дека во денешно време работата е луксуз, дека потребно е да работите за да го издржувате семејството, но постојат и такви што работат работа кои сами ја избрале, која им се допаѓа и ја работат со страст и ентузијазам, и се реализираат токму преку работата.
Ова е голема среќа и нешто кон кое секој треба да се стреми, а на децата треба да им се објасни дека работата не мора да биде страдање и непосакувана обврска, туку дека е основна компонента и важен момент за среќа на секоја индивидуа. На децата треба да им пренесеме дека успехот значи човек да се занимава со она што отсекогаш сакал да го работи.
Едноставно кажано, животната цел на еден човек е да ги реализира своите соништа. Во овој случај работата само ќе придонесе децата да имаат задоволни и мотивирани родители. Можеби овој родител ќе биде малку поуморен, меѓутоа, повеќе ќе ужива во животот заедно со семејството.
Еве како, на интелигентен и нежен начин, новинарката Саша Емонс ѝ ја објасни работата на својата ќерка:
„Драга ќерко,
Неодамна ме праша што сакам повеќе – дали мојата работа или тебе и твоето братче.
Ова прашање малку ми го скрши срцето, меѓутоа, со оглед на тоа дека имаш 8 години, мислам дека така и треба. Не грижи се, нема да се налутам поради тоа. Ќерките имаат задача да ги погодуваат слабите точки кај своите мајки – тоа е посебен знак на нашата поврзаност. И јас истото го правев со мојата мајка. Кога бев малку постара од тебе, по неколку години поминати воспитувајќи нè и одгледувајќи нè мене, мојот брат и мојата сестра, нашата мајка се врати на работа – работеше половина работно време. На оваа тема ќе те потсетам и кога ќе пораснеш и кога ќе се соочиш со истите коментари од твојата ќерка, исто како што мојата мајка денес ми прави мене. (П.С. Мамо, те молам уште еднаш прости ми).
Ти не го ни почувствува времето што го поминав дома. Се вратив на работа по три месеци поминати дома, и освен оние осум месеци што ги поминав со твојот брат кога се роди, постојано работев. Иако чувството дека ќе излезам од дома и дека ќе те оставам оној ден кога заврши моето породилно беше сосема неверојатно и не можев ни да поверувам дека ќе го направам тоа, сè до моментот кога тоа и се случи, за мене беше и олеснувачки – се вратив во нормала по чудесниот пресврт што ти го направи во мојот живот.
Некои луѓе заработуваат за живот, а некои се среќни бидејќи се платени да го работат тоа што го сакаат. Јас сум една од тие среќните. Знаев што сакам да бидам од оној ден кога мојата наставничка од осмо одделение ја прочита мојата приказна пред целото одделение и ми рече дека сум родена писателка. Сè уште ми се зацрвенуваат образите и целата треперам кога ќе успеам да се изборам со зборовите и кога ќе создадам пишана форма на моите мисли. Мислам дека го препознавам истиот сјај во тебе кога црташ, но можеби ти во себе носиш уште посилна страст која чека да биде откриена.
Што би било кога јас би ти рекла да избираш – дали јас или твојата уметност? Секако, кога би морала да избереш, би ме избрала мене (се надевам), но дали би било праведно да го барам тоа од тебе? Моментално велиш дека не сакаш ни да имаш деца, благодарение на твојот апсолутно невозможен брат, но можеби еден ден ќе се премислиш. Ако го промениш мислењето, се надевам дека твојата љубов кон уметноста нема да ја жртвуваш поради луѓето што ги сакаш, без разлика дали тоа ќе биде професија од која ќе заработуваш или не. Се надевам дека ќе избереш партнер кој ќе го сака истото.
Но, да се вратиме на првото прашање. Постојат многу причини поради кои мама работи – и можеби воопшто не се оние што ти ги очекуваш. Ова се моите причини.
Работам затоа што сакам.
Работам затоа што создавањето нешто ме прави среќна и оваа среќа се пренесува на сите други полиња во мојот живот, вклучувајќи го и тоа да бидам трпелива, ангажирана и креативна мајка.
Работам затоа што се потребни две плати за покривање на оваа убава куќа во која живееме, за твоите часови по гимнастика и токму тие патики што сакаш да ги имаш.
Работам затоа што сакам ти и твојот брат да бидете горди на мене.
Работам затоа што се занимавав со оваа професија уште пред да се родиш ти и затоа што сакам да продолжам да се занимавам со ова и кога ти ќе одиш на факултет.
Работам затоа што – и покрај тоа што сум родител кој речиси секогаш се враќа дома навреме, родител кој ретко патува работно, родител кој внимава на важните датуми на училиште – ти никогаш не би го прашала твојот татко зошто тој работи. Неговата љубов како да е дадена таква самата по себе, и неговите долги работни денови не можат да ја поматат.
Работам затоа што, иако си сè уште млада, веќе си ја прифатила суптилната порака дека женското работење е помалку важно и помалку значајно, како и тоа дека мајките кои навистина си ги сакаат децата не работат.
Работам затоа што се надевам дека тоа ќе се промени до моментот кога ти ќе добиеш твоја ќерка.
Накратко да одговорам на твоето прашање: ја сакам мојата работа, секако дека ве сакам и тебе и брат ти, многу, многу повеќе. Кога би морала да изберам, би ве избрала вас.
Но, толку сум среќна што не треба да изберам и се надевам дека нема да мораш ни ти.
Те сака мама“
912