Воспитување

„Драг мој мажу, твојата зависност од мобилниот му штети на нашето семејство“

Драг мој мажу,

нашата ќерка повторно се обиде да ти покаже како нејзината кукла прави јога, но ти не го виде тоа затоа што гледаше во твојот мобилен телефон. Разбирам, се опушташ со мобилниот телефон на крајот од долгиот ден. И јас повеќе би сакала да гледам објави на „Инстаграм“ отколку нашето девојче како се спушта по лизгалката по 57. пат.

Знам дека твојот мобилен телефон те забавува, но мислам дека не сфаќаш што пропушташ. Овие мали, навидум безначајни моменти што се случуваат додека пишуваш на твојот мобилен телефон, никогаш нема да се вратат.

Беше иритирачки дури и кога бевме само ние двајца.

Ми беше заморно и иритирачко постојано да ти се јавувам затоа што не ме слушаш првиот пат. Беше незгодно кога бевме со моето семејство, а ти беше единствениот што седеше со мобилен в рака додека сите други зборуваа. Кога бевме само ние двајца, се чувствував како да си само половина тука. Кога зборував со тебе, ти само половина ме слушаше, а со другата половина беше на „Редит“.

Но, сега работите се поинакви

И колку е тешко да те имам само како половина човек поради мобилниот, сега сум тажна и за нашето девојче. И за тебе. Не сакам да погледнеш наназад и да сфатиш колку многу си пропуштил затоа што главата секогаш ти била свртена надолу, во мобилниот. Не сакам да жалиш колку психички не беше со нас кога бевме сите заедно. Не сакам еден ден да погледнеш и да видиш возрасна девојка на која повеќе не ѝ е грижа дали ѝ обрнуваш внимание на таа слатка ситница што ја направила. Нашата ќерка нема секогаш да биде тоа русокосо дете со кадрава коса. Ова време е толку кратко.

Се плашам дека еден ден ќе сфати

Тоа не е татко кој е толку зафатен со работа или кој е растргнат на многу правци. Едноставно, тој одлучува почесто да го гледа својот мобилен телефон. Дека сè на тој екран е поважно од неа.

Се плашам дека еден ден таа само ќе одлучи да престане да го бара твоето внимание затоа што ќе сфати дека нема смисла. Те сакам, но тоа што сме зависни од твојот телефон нè боли. Тоа влијае врз нашиот брак и врз односот што го имаме со детето. Размисли за пораката што ја испраќаш до твојата ќерка и до мене. Те молам, те молам, одвреме-навреме спушти го твојот проклет мобилен телефон. Биди поприсутен. Гледај нè в очи додека твојот мобилен телефон е некаде во соседната соба. Ветувам дека нема да зажалиш.

Те сакам,

твојата сопруга

Автор: Карина Шиждрак

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top