Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам многу активно детенце и цело време се однесувам со разбирање, прифаќање и постојана грижа за него. Проблемот е следен – врз него е вршено врсничко насилство од страна на неколку дечиња. Разговарано е со родителите, но сега наместо да се брани од напаѓачите, тој покажува насилство кон нас, родителите. Се фрустрира за нешто и почнува силно да нѐ мава. Како да му помогнеме?

ОДГОВОР: Жалам што вашето дете се соочува со врсничко насилство. Се надевам дека ситуацијата е променета по вашите реакции кај родителите, иако понекогаш може да предизвикаат обратен ефект. За жал, ваквите ситуации се доста чести во последно време и знаеме дека децата многупати знаат да бидат доста сурови едни кон други, па поразително е што многу родители, а и институциите немаат поголем интерес за спречување на ваквите однесувања.

Кога детето се соочува со ваков вид насилство, се соочува и со силни чувствува на вознемиренoст, страв, тага, лутина и многу често може да биде раздразливо дома. Како резултат на тоа, чувствата за самопочит и самодоверба слабеат и се влошуваат. Чувството на лутина често води до агресивно однесување ако детето нема можност за разговор, т.е. дома со најблиските каде што знае дека не може да биде отфрлен, сака да ја носи улогата на „напаѓачот“. Иако тешко, би било добро да ги тргнете настрана вашите чувства и отворено да разговарате со вашето дете за неговите чувства. Прифатете ги и рефлектирајте ако е повреден, тажен или лут и доколку има одмазднички мисли. Прашајте го: Дали се чувствуваш тажен, лут, вознемирен поради тоа што се случува?

Што мисли, како е најдобро да ги спречи ваквите однесувања и дали сторил нешто во врска со тоа досега, и што? Зборувајте за тоа колку е важно да се грижи за себе и да се брани и полека ќе ја градите неговата самодоверба. Заедно да ја замислите ситуацијата и да најдете некои заеднички одговори, т.е. да играте улоги.
Идентификувајте ги и поттикнете ги неговите позитивни карактеристики и поминувајте квалитетно време заедно колку што можете почесто. Кажете му колку бил храбар што кажал сѐ што му се случило. Истакнете ги неговите доблести и вештини и не заборавајте да му кажете колку го сакате.
Бидете модел на соодветно однесување, покажување почит кон другите, отворена комуникација и соодветно управување со вашиот гнев.

Многу деца се чувствуваат виновни кога се случуваат вакви ситуации, чувствувајќи дека го заслужуваат тоа, или затоа што не знаеле како да се справат со нападите или затоа што немале храброст да кажат што се случува. Во овие случаи важно е да му дадете до знаење дека тоа не е негова вина. Објаснете му дека можеби можел да постапи поинаку кога се соочил со нападите или да реагира поинаку потоа, но дека во никој случај насилството не е негова одговорност.
Објаснете му дека тоа може да му се случи на секого, и ако знаете за случај на малтретирање, кажете му за тоа за да знае дека не е сам.

Во никој случај не треба да се советува да прибегне кон насилство и во овој момент можете да зборувате за нападите кон вас.
Би било добро да почне да се занимава со некој спорт или физичка активност која ќе му помогне да ги развие уште повеќе самопочитта и самодовербата, а воедно ќе добие чувство на лично достигнување и гордост.
Детето ќе биде во нов социјален круг каде што ќе може да се дружи со деца со слични интереси.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X