Строго не се препорачани и пожелни реакции и закани од типот: „Како не ти е срам?!“, „Тоа е безобразно и одвратно!“, „Тоа никогаш не смееш да го правиш!“ и слични прекори
Во детството, во состав на психо-сексуалниот развој, допирите на своите полови органи, односно повремената самостимулација е универзална, нормална и очекувана појава кај децата. Таа не треба да предизвикува чудење, загриженост, страв, а особено не агресивна реакција со закани и казна од страна на родителите бидејќи станува збор за инфантилна онанија.
Што е инфантилна онанија?
Детето прво случајно, осознавајќи се себеси и своето тело, го открива задоволството од допирот и стимулацијата на своите гениталии и релаксацијата што следува. Некогаш тоа осознавање се случува и од родителските допири и при нормалното одржување на хигиената. Често почнува несвесно, но може да продолжи понатаму како свесна и намерна активност кај детето, но не одвивајќи се на начин и со цел како што тоа се одвива и прави кај адолесцентите и возрасните лица. Ова појава еднакво се случува и кај момчињата и кај девојчињата, иако постои стереотип дека тоа е активност покарактеристична за момчињата. Малото дете, не разбирајќи ја целосно својата активност, може да ја прави и во јавност, односно во секое време и на секое место. Во тие случаи реакцијата на родителите е исклучително многу важна.
Забрани, прекори…
Забраната на оваа активност и прекорот може да имаат последици, односно да направат фиксации во конкретниот развоен период. Строго не се препорачани и пожелни реакции и закани од типот: „Како не ти е срам?!“, „Тоа е безобразно и одвратно!“, „Тоа никогаш не смееш да го правиш!“ и слични прекори. Овој начин на комуникација може да предизвика анксиозност, страв и трајни интроектирани забрани, како и интензивно чувство на вина кај детето, кои може да имаат негативно и инхибиторно влијание врз понатамошниот нормален психо-сексуален развој.
Строгиот прекор и забраните во некои случаи може да создадат интернализирана пречка и свесна или несвесна психолошка блокада, која би довела до тешкотии во контактот со себе и запознавање на сопственото тело, самозадоволувањето и задоволувањето на природните сексуални нагони со партнер во иднина, секако, кога ќе дојде соодветниот животен период и возраст за зрела сексуалност и зрело сексуално однесување.
Исто така, пресилна и преостра реакција со повишен тон и шок кај родителот, без објаснување и со строга забрана, може уште повеќе да го разгори интересот на детето за оваа забранета активност за него.
Како што претходно напоменав, оваа активност е нормална кај децата и најчесто започнува како дел од фазата на осознавање и љубопитно истражување на телото и доживување задоволство, а некогаш се јавува и при досада, осаменост, недостиг на внимание и љубов или потреба за релаксација и ослободување од стрес и анксиозност кај детето. Во некои случаи, преголемата строгост кај родителите или преголемиот притисок во секојдневието, исто така може да се извори на стрес и да се интензивира оваа активност со цел да се добијат убави чувства.
Во која форма се јавува?
Покрај директни допири со рака, се јавува во форма на триење на нозете една од друга, клацкање на коњче, седење на велосипед, јавање перниче, стимулација со водата од тушот при бањање, лежење на стомак и триење од креветот или разни предмети итн. Зацрвенување и потење се нормален след и физички реакции на оваа активност кои родителите ги забележуваат.
Исто така, децата на возраст до 4-5 години уживаат да трчаат голи, и покажуваат интерес и за гениталиите на своите родители и сакаат да ги набљудуваат кога се соблекуваат. Неретко, во подоцнежната возраст, се случува допирите на своите гениталии да се прават и заедно со другарчињата. Покажување на гениталиите, споредување и интерес за гениталиите од спротивниот пол, па дури и меѓусебни допири и бакнување, се исто така забележлива појава во овој период. Истите се често манифестирани низ игрите „Семејство“, во кои едниот ја игра улогата на мајката, другиот на таткото, играта „Доктори“, во која се прегледуваат итн.
Но, треба да се напомене и дека децата учат по пат на имитација, и ненамерно сведочење на сексуален однос на родителите, несоодветна содржина или реклама од интернет или филмска сцена може да бидат некогаш и првиот пример што се имитира. Притоа, дел од нив, најчесто поголемите деца од школска возраст, по извесно време оваа активност почнуваат да ја прават сами и се затвораат во соба или тоалет.
Имено, психо-сексуалниот развој на децата се дели на повеќе фази кои си носат свои развојни карактеристики и различни начини на однесување, кои е пожелно и добро да се знаат. Тоа се орална, анална и фалусна фаза кои се до шестата година од животот, па со почетокот на школскиот период следува еден латентен период, по кој со почетокот на пубертетот започнува гениталната фаза од развојот.
Како да постапите?
Кога ќе го забележите вашето дете, најпрво само насочете му го вниманието на друго место и посветете му малку повеќе време и контакт со него. Тоа може да е играчка или некоја појава што ќе го заинтересира. Особено ако тоа се случува во јавност. Тогаш вашите постапки и зборови внимателно ќе треба да го насочат дека тоа не е нешто што се прави пред сите, но не со строга осуда, силен прекор и срам од него! Притоа, советувам постапките да не се прават строго и бурно бидејќи така може да се добие и спротивен ефект од посакуваниот. Доколку одвлекувањето на вниманието кога сте во јавност не ви успева, спонтано тргнете го малку настрана и со смирен и топол говор потсетете го на важноста на приватноста и интимата.
Тоа ќе биде успешно, особено ако детето од претходно е запознаено со некои основни работи врзани во однос на телесните допири и интимните делови од телото. Затоа е многу важна психо-сексуалната едукација кај децата, разговорите со нив. Уште од најрано, по првата година при бањањето учејќи ги телесните органи, родителот може да го научи детето кои делови од телото се интимни. Значи, овие разговори не треба да се табу и овој тип едукација на децата не треба да започнува во пубертетот, туку порано, согласно потребите и развојот на детето и подготовка за фазите што следуваат. Особено поради ерата на технологијата во која живееме и поради достапноста на интернетот и секаков тип информации, разговорите со родителите треба да се први, основни и задолжителни. Притоа, одговарањето на прашањата на детето правете го без срам и притеснување, кажувајќи ја вистината, секако адаптирана на возраста со соодветни зборови, изрази, фрази кои им се разбирливи. Во овој период секој родител треба да го учи своето дете и за тоа кои допири и каде се дозволени, кога, со кого и секако дека без дозвола никој не смее да го допира, особено по интимните делови. Едукацијата треба да биде секојдневна, не е тоа само еден разговор. Таа е континуиран процес, фаза по фаза, и затоа родителот треба да е запознаен со развојните процеси и отстапувањата, со цел навремено да реагира. Подготвеноста за отворена и искрена дискусија кај родителот ќе направи и детето секогаш да е отворено и да има слобода, без стеги да поставува прашања и да учи.
Кога да побарате стручна помош?
Стручна помош се препорачува доколку сакате да се информирате повеќе за сите развојни фази и карактеристиките за секоја од нив, развојните отстапувања и сè што ве загрижува во однос на целокупниот развој на вашето дете. Но, и доколку забележите дека онанијата, односно гениталната самостимулација е премногу честа, личи дури на компулсивно однесување или преизразена навика, бидејќи тогаш може да е сигнал дека детето е многу анксиозно и под стрес, па ја користи премногу со цел растоварување и релаксација. Секако, треба да се најдат причините за тоа и да се третираат. Друг случај за стручна помош е кога детето форсира друго дете на некакво однесување од овој тип. Исто така, треба да се побара помош ако има некакво друго, нетипично отстапување и однесување, особено ако има сомнеж и индиција кај родителот дека онанијата може да е резултат на научено однесување од несоодветна личност и имало некаква сексуална злоупотреба врз детето.
912