Домашните задачи често знаат да ги доведат учениците и нивните родители во очај. Можеби токму од тие причини тие се тема на жестоки дебати во креирањето на образовните политики.
Некои сметаат дека домашните задачи треба да се укинат, други дебатираат дали домашната задача е соодветна за ученикот, а трети сметаат дека родителите не треба да им помагаат на своите деца во пишувањето на домашните задачи. Во македонскиот образовен систем наставниците се обврзани да даваат домашни задачи. Со оглед на тоа дека домашните задачи се надоврзуваат на наставата, единствено квалитетот на домашните задачи, а не квантитетот може да донесе успех во учењето.
Прво обврските, а потоа задоволство!
Учениците најчесто се враќаат од училиште рано попладне или навечер во зависност од смената. Но, домашните задачи најчесто го имаат приоритетот – без разлика дали времето е убаво или не. Учениците до трето одделение не би требало да посветуваат повеќе од еден час дневно на домашните задачи. Учениците од четврто до деветто одделение би требало да вложат двојно повеќе време од третоодделенците. Но, прашањето на кое треба да се даде прецизен одговор е кога домашните задачи имаат смисла? И како би изгледало идеалното пишување на домашните задачи – самостојно или со помош на родителите?
За таа цел, пред пандемијата во неколку земји во Западна Европа беа направени истражувања насочени кон актуелната состојба со домашните задачи по предметите математика и природни науки на илјадници ученици од сите видови училишта. Во просек, учениците што биле анкетирани имале нешто помалку од четиринаесет години, што кај нас би одговарало на осмоодделенци или деветтоодделенци. Резултатите покажале дека учениците пишувале домашни задачи по овие наставни предмети до два часа дневно.
За потребите на истражувањето, учениците биле замолени да пополнат прашалници за тоа колку често и колку долго ја извршуваат домашната задача. Тие, исто така, биле прашани дали ги завршуваат своите задачи самостојно и колку често барале помош од друг. Со цел да се процени работата на учениците на часовите, истражувачите креирале стандардизирани тестови кои, исто така, ги земаат предвид разликите како што се полот на ученикот и социјалниот статус.
Почестите и кратките домашни се поефективни од поретките и обемните
Истражувањето покажа дека учениците во просек поминуваат седумдесет минути дневно пишувајќи ги своите домашни задачи, а половина од анкетираните ученици се изјасниле дека успеваат целосно да ја завршат домашната задача. Истражувањето покажа и дека учениците што редовно ги пишувале своите домашни задачи во просек постигнувале значително подобри резултати на тестовите.
Се разбира, времето што учениците го поминуваат во извршувањето на своите домашни задачи, исто така, влијае врз резултатите на тестовите: успехот на тестот се зголемува пропорционално со времето поминато во пишувањето на домашните задачи. Но, интересно е тоа што времетраењето на пишувањето домашни задачи секојдневно, повеќе од седумдесет минути, не дава никаков поголем ефект. Напротив, со времетраењето на пишувањето домашни од 90 до 100 минути напредокот во учењето дури и стагнира.
Токму од тие причини еден час дневно во просек е разумна и ефективна должина на времетраењето на пишувањето на домашните задачи.
Императив е учениците самостојно да ги пишуваат домашните задачи
Притоа, најдобро е колку што е можно повеќе родителите да се воздржуваат да им помагаат на своите деца во пишувањето на домашните задачи. За успех на тестовите не е потребна само редовност во пишувањето на домашните задачи, туку и дали тоа го прават самостојно или бараат помош од друг. Според анкетата, повеќе од 50 отсто од учениците навеле дека понекогаш бараат помош од друг. И покрај тоа, секој трет ученик најчесто ја пишува својата домашна задача самостојно. Токму учениците што самостојно успеваат да ги напишат домашните задачи, по правило, имаат подобри резултати на тестовите. Најважно е учениците да ги извршуваат домашните задачи систематски и редовно, со цел да стекнуваат работни навики и да се промовира независното и самостојно учење.
Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност
912