Прашај психолог училиште

Дома учи и сѐ знае, а на училиште не. Се плаши дека ќе ѝ се смеат децата кога ќе почне да одговара… Што да направиме?

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка е четврто одделение, уредна е, педантна, учи со мене и јас ја испрашувам. Но, кога ќе се врати од училиште, кажува дека кревала рака, ама учителката не ја прашала. Зборував со учителката, но таа ми вели дека ќерка ми не знае, не се јавува, на што јас ѝ објаснив дека учиме заедно и дека ја испрашувам. На родителска средба учителката ми рече дека пак има минус, дека пак не научила, а претходниот ден со мене учеше и прераскажуваше. Кога дојдов дома, ќерка ми ми кажа дека кога ќе почне да одговара, децата ѝ се смеат. Ве молам за некоја насока или совет.

ОДГОВОР: Вашето дете е многу трудољубиво, дава сѐ од себе во моментите кога го совладува и учи материјалот дома, но тоа го прави исклучиво со вас учејќи рутина на „испрашај ме за да се чувствувам сигурна“. Дома покажува самодоверба во излагањето на наученото, но во училиште забележувате пасивност и несигурност. За момент детето ја воочило и адресирало причината. Доволно храбро било за да признае „се плашам да не згрешам“ или „се плашам да не ми се смеат децата“. Што е тоа што ја одзема самодовербата кај едно дете за да покаже колку може и колку знае. Понекогаш тоа може да бидат превисоките очекувања на родителите, авторитарен воспитен стил на наставникот, зависни сили во процесот на учење, односно несамостојност, несоодветен пристап на учење на одредено градиво итн.  Затоа полека, но сигурно пристапете до овие мисли на кои детето им верува. Разговарајте и истражете како научило да верува во нив. Поддржете и валидирајте го неговото чувство на страв. Прифатете го ова чувство како такво со помош на топлина и разбирање и најдете нови мисли и убедувања.

Доколку ви е потребно родителско советување и прецизни насоки со посеопфатни хетероанамнестички податоци, може да нѐ контактирате на hristina_psihologija@yahoo.com.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top