Што е светот толку збудален, па сега е поважно која мајка побрзо пегла, а која подготвува поздрави оброци и тоа го поставува на интернет – од онаа „обична најобична“ мајчинска љубов која се дава офлајн? Ги сакаме нашите деца, паметни се, „сѐ знаат на телефон“, зборуваат англиски, тренираат три спорта и свират на два музички инструменти – не се знае кој е повеќе на ноти, дали децата или мајките. Но, поради секоја супермајка што сѐ постигнува и тоа го споделува со големата интернет-заедница, барем еднаш една „обична мајка“ ја наведнала главата надолу.

„Зошто јас не умеам да го направам тоа?“

Чувство добро познато – целодневно, исцрпувачко однесување сѐ да биде совршено – домот чист, косата уредна, децата насмеани, работата завршена, мажот и семејството задоволни. Па сѐ и да се оствари од овие ставки, секогаш ќе недостига она „нешто“, она „како успеала да најде време за себе“ или „гледај Соња одбранила магистерски труд, а детето ѝ има 4 години. Како ли успеала?“

Секогаш имало супермајки, но не сме имале можност да ги среќаваме секој ден, зарем не? Некогаш, еднаш годишно на некој детски роденден или семејна слава, се сретнал големиот „совет на мајки“, па се зборува како се месат кифли, како децата мора да изедат сѐ од чинија, дека детето легнува во 19 часот и спие до утро „без да мрдне, жено!“

Се подготвувате психички за секој од тие спектакли, ако сте паметни – советите ги слушате од едно уво, а ви излегуваат од друго. Бидејќи секогаш во некој момент се наоѓа некоја што нема срам, а можеби и сила, да се прави „дека сѐ е совршено“ и вели: Јас богами не постигнувам. Тоа е оној момент кога се јавуваат и другите кои исто така „не можат веќе“ и тогаш настанува лелекање во кое секоја мајка бара поддршка за тешкото бреме што го носи.

Само што, како што тоа обично е, наоѓаат сѐ освен бараниот совет. Куп осуди, фрустрации, дополнителна порција стрес спакувана во сомнеж во себе, висок степен на самокритичност и оние болни реченици: „Зошто не сум и јас најдобра мајка на светот?“ Бидејќи на интернет нема дамки – освен оние за кои супермајките имаат магично средство за отстранување. Сите се совршени. Ма, доста е!

Долу супермајки, да живеат мајките!

Каде се тие жени од крв и месо кои знаат дека прегратката е најголемата тајна на светот?

Дали семејствата треба да бидат совршени или ни треба животна динамика? Во надминувањето судири, откривање нови начини некој проблем да се реши? Дали тие мајки секогаш се смеат и ја ставаат под тепих секоја своја мака? Или викаат толку гласно колку што викам и јас? Мојот ум ми вреска секојпат кога ќе го повишам тонот:

-Ало, мајко, колку што си погласна, толку помалку те слушаат? Што креваш тензија? Не решаваш проблем.
-Морам да викам, гледаш дека не ме слушаат кога кажувам со нормален глас?
-Не те слушаат ниту вака, само побрзо губиш контрола и глас.
-Па што да правам?
-Смири се. Знаеш како мајките на интернет…
-Е, ај чао!

Го згаснувам тонот во глава, но и понатаму „ме вози“. Сега Јеспер Јул би советувал вака, можеби треба да ја погледнам повторно онаа книга, а што би направила онаа мајка? Потоа одеднаш се сеќавам на почетокот од мојот мајчински стаж, кога бев најмалата мајка на светот и кога под притисок на силни текстови на интернет реков:

„Што е ова, зошто мајчинството стана толкава наука? Јас сакам родителството да биде уметност!“

Ах, почетниот ли ентузијазам и вечната склоност сѐ во животот да се романтизира, па дури и еднократните пелени и доење во доцните часови. Но, веројатно сум многу романтична, па не сум можела поинаку отколку да гледам како нејзините мали гради во колевката се придвижуваат (а колевката рачно изработена, мојот татко ги изработуваше, баш како од бајките), како се смешка и подоцна прави први чекори. Потоа се две такви деца, па заедно играат, ги читам истите приказни за добра ноќ, ги научуваме напамет и повторно се интересни и смешни.

Сѐ е прекрасно, но не сум „научно поткована“, не знам да се совладам секогаш кога тој неконтролирано вреска и плаче, кога ќе ја гризне сестра си или таа него го задева. Не е баш секогаш лесно да се пронајде „личниот јазик“ и да се изрази сопствената желба и да се разговара со детето како рамноправен возрасен – што и да велат модерните мајки. Не е лесно бидејќи со воспитувањето на детето се воспитува и родителот.

Расте детето, расте мајката. Расте детето, па те надраснува.

-Не знам јас да ги редам моите сложувалки, гледаш колку тешко ми оди? – го прашувам на подот додека редам нова сложувалка.
-Гледаш дека не е тешко, ете најде! Мамо, треба да веруваш во себе и да го следиш своето срце – вели значајно потпирајќи ја десната рака на срцето, со делови од сложувалката меѓу прстињата.
-Од кого го слушна ти тоа? – се обидувам да го сокријам своето изненадување.
-Ааа, па од Пепелашка! – вели и продолжува да ја составува сложувалката, како Пепелашка да е наша прва сосетка која утрото свратила на кафе и ја споделила со него оваа мудрост.

Децата ни растат пред нос, растат, па ја надраснуваат мајката. Не е ни чудо кога сме најмалите мајки на светот. Има една песна од збирката „Песни за мајката“ од Радиќевиќ поради која можам да заплачам во моментот. Не се наполнуваат очите со солзи, не сум тажна – не. Тагата и љубовта ме обземаат и преплавуваат нешто од центарот на срцето. Отпрвин вибрира, полека, чувствувам некое придвижување, како топлина која надоаѓа, а потоа во последниот стих има експлозија, ерупција и земјотрес – одеднаш.

„Зад тебе, невидлив чекор и твојата мајка.“

Да не се лажеме, го нема тој „Инстаграм“ во кој може љубовта од мајката да се собере.

Автор: Србијанка Станковиќ

Извор



912

X