Детскиот хирург д-р Петар Рашиќ објаснува кои се причините за болка во стомакот кај децата, кои симптоми укажуваат на воспаление и пукање на слепото црево, како и зошто доаѓа до оваа состојба.
– Болката во стомакот е еден од најчестите симптоми кај децата. Таа може да биде предизвикана од хируршки или нехируршки причини. Хируршките вклучуваат воспаление на слепото црево, заглавени кила, интестинална инвагинација или друг вид цревна опструкција. Од друга страна, нехируршките причини можат да бидат различни цревни и желудочни инфекции, уринарни инфекции, синдром на иритабилно дебело црево, запек, нетолеранција на храна и други состојби – објаснува д-р Рашиќ.
Како родителите да препознаат дека состојбата е сериозна?
Според д-р Рашиќ, возраста на детето е клучен фактор за одредување на сериозноста на симптомите.
Ако дете од 15 години поврати неколку пати, најчесто не е причина за голема загриженост. Но, ако новороденче од 15 дена поврати неколку пати, може брзо да дојде до сериозен дисбаланс. Родителите треба да следат дали состојбата се влошува или е постојана, бидејќи тоа е знак за потенцијална опасност – вели тој.
– Кај осуммесечно бебе нема да очекуваме воспаление на слепото црево, додека кај тинејџер од 15 години е малку веројатно да се појави интестинална инвагинација со оглед на тоа дека станува збор за состојба што се јавува најчесто кај деца под три години. Сепак, секогаш постојат исклучоци – истакнува д-р Рашиќ.
Зошто доаѓа до пукање на слепото црево?
Воспалението на слепото црево настанува кога неговата празнина ќе се блокира, најчесто од стврднато парче столица или зголемено лимфно ткиво.

– Не секогаш детето има покачена температура, но болката е речиси секогаш присутна. Најчесто е лоцирана во долниот десен дел на стомакот, но може да започне околу папокот и да се спушти надолу. Болката не се појавува во грчеви, туку е континуирана и со текот на времето станува посилна. Интересно е што кога ќе пукне слепото црево, болката може привремено да се намали бидејќи притисокот се ослободува. Но, откако гнојот ќе почне да ја надразнува стомачната обвивка, состојбата брзо се влошува – предупредува д-р Рашиќ и додава дека кај тинејџери од 13 до 15 години, пукањето обично се случува по еден до два дена. Но, кај помали деца на возраст од четири до пет години, ова може да се случи за само 10 до 12 часа.
Дали слепото црево може да пукне без никакви симптоми?
– Мала е веројатноста слепото црево да пукне без никакви симптоми. Но, тие може да бидат маскирани ако детето добива лекови за намалување на температурата или ако е премногу мало за да ги опише симптомите. Најчесто, деца од две до три години доаѓаат на лекар веќе со пукнато слепо црево бидејќи нивните симптоми не биле препознаени навреме – објаснува д-р Рашиќ.
Стомачни инфекции
Во овој период активни се различни стомачни инфекции, како ротавирусот, предупредува гастроентерологот д-р Владимир Миливојевиќ.
– Сите можеме да бидеме подложни на инфекции, но кај децата и постарите лица ризикот е поголем. Кај децата, дехидрацијата и електролитниот дисбаланс може брзо да станат сериозен проблем – истакнува докторот.
За подобрување на имунитетот и здравјето на цревата, докторот препорачува зајакнување на цревниот микробиом.
– Луѓето најчесто мислат на пробиотици, но сега постојат и пребиотици и постбиотици, кои се храна за добрите бактерии и помагаат да се воспостави рамнотежа. Здравата исхрана и избегнувањето токсини, исто така, играат клучна улога во одржување на доброто здравје на цревата – заклучува д-р Миливојевиќ.
912