Д-р Гетов се чини заработува најмногу насмевки низ Валандово. Не само од родителите чии деца ги донел на свет, туку и од децата, од кои дел веќе станале родители

Општина Валандово има еден единствен матичен гинеколог, а има околу 12 илјади жители, над 3.500 семејства, едно породилиште и само пет акушерки. Д-р Димитар Гетов има над 6.500 пациентки, и не само од валандовската општина, туку и од Дојран, Богданци, Гевгелија, Струмица… Има и два телефона за постојано да е достапен за секое породување, за секое крвавење, за секој транспорт до болница… И тоа веќе 20 години.

Доволно е да го впишете името и презимето на докторот на некој интернет-пребарувач и да прочитате зошто е толку баран. Две децении работи како гинеколог во родниот град, во неговата ординација, но и во амбулантата, во породилиштето, а до пред четири години работел и на повик на одделението во Гевгелија. Д-р Гетов се чини заработува најмногу насмевки низ Валандово. Не само од родителите чии деца ги донел на свет, туку и од децата, од кои дел веќе станале родители. Вели дека си ја сака работата, но поради тоа што нема замена, поради секојдневните стресови, ноќни интервенции, но и поради жигосувањето на гинеколозите и акушерите во последните години, веќе се чувствува преморен. И тој и неколкуте акушерки, кои една по една заминуваат во пензија, често со дијабетес заработен од стресовите во валандовското породилиште.

Работно време од 24 часа во „мирното“ Валандово

– До 2007 година, додека бевме дел од јавното здравство, јас бев вработен во јавно здравство, во породилиштето во Валандово. Од јануари 2007 година ние преминавме во приватни гинеколози и склучивме договор со Фондот за здравствено осигурување како концесионери и јас продолжив да работам по истиот терк. Меѓутоа, од 2007 година наваму бројот на пациентки сè повеќе се зголемуваше, раѓањата останаа на едно ниво, а тоа ми создаваше притисок. Во последните две-три години бројот на породувања се намали на околу 50 до 100 раѓања годишно, но и тоа е голем број. Може да се случи цела недела да нема ниту едно породување, но може да има и четири во три дена – раскажува д-р Гетов.
Вели дека со мерак студирал, со мерак почнал да работи и со ќеф и задоволство си ја тера работата. Една година работел на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, но сакал да се врати во Валандово. Го влечел родниот крај, помирната средина. Но, таа помирна средина станала вистинска бура поради склоп на разни околности, а последниве години најмногу поради, како што вели докторот, создадената аверзија кон гинеколошко-акушерската професија, поради немилите случувања во гинекологијата, во државата и генерализирањето на критиките за целата фела на која тој ѝ припаѓа.
– Еве веќе 20 години работам тука и спијам со два телефона до перницата. Тоа значи 24 часа на ден постојано да си на сервис, на повик на пациентите. Тоа е навистина тешко, да не звучам грубо, но тоа е лудило. Честопати се случува ноќе да морам да станам да интервенирам при комплицирани случаи, при крвавење во рана или во поодмината бременост и слично. Одам на работа среде ноќ, интервенирам, и кога ќе завршам, веќе дошло време за нормалното работно време и јас не се враќам дома, туку продолжувам да работам цел ден – вели докторот за своето „осум часа работно време“.

Д-р Гетов и акушерката Јулија Беловинова во родилиштето

Се создаде аверзија кон професијата

Јасно му е дека опции за решение има, но, за жал, уште појасно му е дека се тешко изводливи зашто не се наоѓа гинеколог што ќе го одмени.
– Се создаде една аверзија кон работењето како гинеколог. Тоа не е во ред. Јас многу пати сум го кажал ова и сега пак ќе го кажам: Постои ли неризична бременост или неризично породување? Да, постои, меѓутоа за нив се заклучува ретроградно, кога ќе заврши сè. Едно најобично, наједноставно породување во еден дел од секундата може да тргне наопаку и да му го скрати животот и на пациентот и на гинекологот. Компликациите во акушеријата се непредвидливи, и во бременоста и при породувањето – вели д-р Гетов, не криејќи ја лутината поради тие околности.

Болничарката Суза Цицанова, д-р Гетов и акушерките Ана Иванова, Јасмина Проданова и Танка Гошева

Нема откажување

Но, не се откажува. Во неговите раце поминале илјадници бебиња. И уште ќе минуваат. Но, што прават пациентките кога го нема единствениот нивни матичен гинеколог, кога докторот кој им ја води бременоста е оправдано отсутен, кога објективно е спречен да дојде на работа? Каде се породуваат ако не кај д-р Гетов?
За среќа, можат да отидат во локалните болници. Во Гевгелија им е најблиску, а добра соработка имаат и со Струмица, вели докторот.
– Потешките случаи што ги следам, кога ќе видам дека нешто не е во ред, ги праќам во терцијарна установа, а оние што се за во секундарна установа ги праќам во Струмица и делумно во Гевгелија. До пред четири години работев и на повик во одделението во Гевгелија, на царски резови, операции… – појаснува докторот за условите и медицинската услуга што може да се добие во породилиштето, кое му е втор дом, или трет, по вистинскиот и ординацијата.

Комплицираните случаи итно во Струмица или во Скопје

Во породилиштето во Валандово нема услови за царски резови, туку се прават само т.н. породувања по книга. Тоа значи дека единствениот доктор таму прво мора да направи квалитетна процена дали породувањето може да се изврши во породилиштето согласно условите.
– А како второ, јас и акушерката мораме да бидеме постојано присутни покрај пациентката и да функционираме како една фамилија, што особено им се допаѓа на пациентките тука, за во моментот кога ќе видам дека нешто може да се искомплицира или дека може да има потреба од специфична интервенција, навреме таа пациентка да биде транспортирана во установа со операциона сала, трансфузија, анестезија…
Кога се работи во такви услови, пресметките мора да се исклучително прецизни, а ризикот сведен на минимум.
– Не ризикуваме. Се разбира дека има компликации кои и да сакаш не можеш да ги предвидиш. Се случува пациентка да ја носиме во локална болница, па оттаму со тим на клиника… За среќа, досега сè се движи со ред. А колку се крати животот во такви ситуации, допрва треба да се утврди, ретроградно – се шегува докторот.
– Најважни се пациентите. Ете и покрај ваквите кадровски услови, сакаат и второто, па и третото дете да го родат во валандовското породилиште, најмногу поради грижата што ја добиле од единствениот гинеколог и петте акушерки – додава д-р Гетов.

Како функционира сè со само еден доктор?

Како изгледа едно породување? Д-р Гетов, ако не е во ординација или во сала, добива повик од акушерката дека има пациентка која се породува, а потоа лекарот оди на работа. Кога ќе заврши породувањето, гинекологот го дава првото мислење. Потоа акушерката ѝ се јавува на докторката педијатар специјалист, која исто така е концесионер. Таа доаѓа, го зема бебето, го прегледува, се вакцинира детето, и се прави сè што треба и сè што следува според протокол.
Значи сè е на повик. Во породилиштето се акушерките. Во моментов има пет од кои една ќе оди во пензија.

На готовс и кога е на слава и кога е на одмор

Без да се жали, докторот вели дека неговите најблиски и најсакани најдобро знаат низ што сè поминал. А со оглед на тоа што термините за породувањата не може секогаш да се предвидат, тој секогаш е на готовс.
– Една година на 2 Август тргнуваме на одмор и само што излеговме од Валандово, на 4-5 километри од градот ми ѕвони акушерката дека стасала пациентка од Гевгелија која почнала да се пораѓа. Се вративме назад и отидов во породилиштето. Јас никогаш не ризикувам да си заминам кога ќе заврши породувањето или да го напуштам Валандово по првите два часа од породувањето, бидејќи не се знае што може да се случи. По 24 часа од породувањето веќе е друга ситуацијата. Во една друга пригода, со пријатели тргнавме на излет, и пак ме вратија од пат. Имало многу такви моменти. Од семејна слава сум станувал, одам на пораѓање, завршува породувањето, пациентката е стабилна и можам да се вратам назад, но секогаш со мислите кај пациентите – раскажува гинекологот.

Му се лутеле матичарите

Вели дека не е по пиењето, ама сака да се развесели, особено на семејни слави.
– Сакам да се развеселам, но не сум по пиењето. Сепак, од мене се очекува, а јас таков сум и по природа, секогаш да имам самоконтрола, секогаш да сум подготвен и свесен за дејствување во кое било време од денот или од ноќта – сериозен е докторот. Раскажува како едно време, поради многуте породени пациентки, матичарите од Гевгелија му се лутеле што во графата за место на раѓање на новите гевгеличани морало да пишуваат Валандово. Ама и му се прави ќефот кога ќе отиде во Гевгелија и ќе види дека го паметат само по добро.
– Благословена е акушерската работа, но е екстремно изискувачка – вели докторот.
Сега, по 20 години, поради сите перипетии, нерешени административни ситуации, кадровски недостатоци и дневни стресови, колку и да му е тешко да признае, д-р Гетов сепак признава дека веќе се чувствува преморен. Ама за себе, не и за пациентите.



912

X