Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има 3 години и во последно време прави проблеми ако нешто не е по негово, инаку е многу мило дете, оди во градинка, зборува, не носи пелени… дури и во градинка е многу мирен. Проблемот е кога ќе го земат од градинка, каде што оди до 12 ч., тогаш дома им се инаети на бабите. Сака да прави работи како и сестра му, во случајот сакаше да се лизга по скали како да се лизгалка, но јас не го оставив и го кренав в раце за да си одиме дома. Додека го носев, ми ја корнеше косата, плачеше и даваше отпор. Му ја стегав раката, но не престануваше… потоа го пуштив и отидов неколку чекори пред него… но тој легна на земја и уште плачеше, отидов, го кренав, но тој почна уште похистерично да плаче и да дава отпор. Истото ми се случи и во влезот додека го чекавме лифтот, тој се спружи на земја… не престануваше да вриска и да се лути. Го плеснав неколку пати за да се смири, но не престануваше сè до моментот кога и јас почнав да плачам и да го стегам во мене за да го смирам. Ќерка ми немаше вакви испади, но и таа знае да го инаети и тука има најчесто караници по кои морам да го повишам гласот за да ме слушнат. Колку и да се трудам да бидам добра мајка, знаат да ме извадат од такт и завршуваме со караница. Татко му знае да речи да го носам на психијатар, а и не придонесува многу во одгледувањето на децата, целиот товар е на мене. Ве молам за совет, многу сум загрижена.
ОДГОВОР: Тантрумите или изливи на бес се нормален дел од растот и развојот на детето, кај некои деца се изразени, додека кај други како воопшто да ги нема. Некогаш е навистина тешко да се справиме со изливите на бес кај децата. Но, удирањето нема да го коригира однесувањето на детето, туку само ќе го потисне и ќе го одложи за понатаму.
Доколку дете се казнува: вербално, физички или со намалена нежност и внимание, негативните ефекти се: намалена самодоверба, агресивно однесување, непочитување на родителот кој казнува итн.
Многу е важно во овој период да почнете со дисциплинирање на детето преку поставување јасни правила на однесување. Овие правила треба да се разбирливи за детето и да се во согласност со неговите способности и возраст. Вербализирајте ја ситуацијата, чувствата, препознајте ги потребите што ги има детето во моментот (на пример: знам дека мислиш дека можеш и си голем, но не може да се лизгаш по скалите, ќе се повредиш итн.). Немојте да го подмитувате (на пример, ако престанеш да плачеш, ќе одиме на игралиште) или, пак, да си заминете од собата, да го оставите (детето може да дојде до заклучок дека не го сакате). Колку и да плаче, инсистирајте тивко и смирено на правилото што го имате поставено. Бидете до детето, зборувајте, гушнете го кога неутешно плаче итн. Важно е да почувствува дека е сакано и да му повторувате дека многу го сакате (Затоа што те сакаме многу, сакаме и да те научиме на убаво однесување).
Наградете го неговото добро однесување, особено доколку во некоја активност е истраен. Пискањето, викањето, доколку ги игнорирате, многу брзо ќе исчезнат. Поразговарајте со вашиот сопруг и договорете се за заеднички став во однос на воспитувањето на децата. Важно е активно учество на двајцата родители во овој процес, кој иако не е долготраен, многу е исцрпувачки за родителите.
Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912