Воспитување

Дојде до тоа во ретровизор да гледаме како растат нашите деца

Како девојче ѝ се смеев на мојата постара сестра кога рече: кога се мали, тогаш си им мајка и медицинска сестра, па кога одат на училиште, тогаш си нивни личен возач, а во средно, тогаш си само банкомат!

Ах, тие златни години кога не си мајка и кога на секоја кажана приказна си помислуваш: нема шанси јас вака да правам! Но, како што одминува времето, стануваш ажурирана верзија на старите обрасци. Моментално во улога на возач, од едниот до другиот крај на градот, крадам моменти во автомобилот за кратки разговори – да бидам во тек, да бидам присутна, за да знаат дека можат да се потпрат на мене. Некогаш молчиме, многу почесто драматизираме – дали ќе доцниме на англиски, чија вина е што подоцна почнавме да тренираме, зошто мајката НЕ треба да пакува патики и кошаркарска опрема, но и музички тетратки и книги за солфеж, и се разбира има денови кога блескам, кога сум мајка за пример, кога слушам, кога им се восхитувам, кога сум навистина присутна.

Но, денеска не беше тој ден.

Морав да се провлечам низ сообраќајниот метеж, да стигнам до училиште, да најдам место за паркирање, брзо да се спакувам, да го однесам син ми на тренинг, а потоа брзо (колку го мразев тој збор!) да ја одведам ќерка ми на англиски. Потоа да чекам, некаде, или да одам (брзо!) во шопинг, па назад низ толпата – да ја земам ќерка ми од часот по англиски јазик, син ми од тренинг, да возам дома, да подготвам вечера и – ох, списокот со задачи по вечерата стануваше подолг од ден на ден.

Како другите жени го постигнуваат тоа?

Стигнувам пред училиштето за англиски јазик, гледам стара пријателка – го чека синот. Не помислив да излезам од автомобил, се чувствувам исцрпено и косата ми е хаос, но одамна ја немам видено. Излегувам. Таа е среде разговор со друга мајка. Тема: воннаставни активности. О, дали универзумот ги прислушува моите мисли? Можеби ќе слушнам нешто паметно, можеби овие жени имаат некое магично решение.

Веќе не ни знам каде ги возам, ова станува страшно! Сестра ми се налути, со недели ме вика да се прошетаме, не успевам. Утрово повторно ме праша: „Да одиме да се прошетаме вечерва, како си со обврските?“ Што да ѝ кажам? Работен ден, овие моите во спротивни смени, одење на училиште, возење на тренинг, спремање вечера. Кога? Ме боли душата. А таа ме прашува: А утре? И утре не можеш?

-Исто и утре, Софија оди на час по музичко, а Немања на гимнастика. Не постигнувам ништо, школската година само што почна! Дојде до точка да немаме време да ја завршиме домашната задача, можеш ли да веруваш?

-Да не претеруваме малку? – прашав. – Мислам истото ни се случува на сите, плус 150 воннаставни активности, се грижиме да не пропуштат нешто, да постигнат повеќе, да стекнат знаење, ама луѓе мои, по 9 години имаат, каде ќе задоцнат?! Што повеќе ќе научат овде на англиски, а не можат на училиште? Дали ги обучуваме за дипломатија? Имаме интернет, имаме милион чуда на располагање денес, ги возиме и ги носиме и ги гледаме како растат преку ретровизор!

Здивнав, гледам чудно ме гледаат, како да кимаат со главата – јасно ми е, сите сме во иста ситуација. Но, има една која најбрзо се враќа во улогата на „одговорна модерна мајка“ (брзо!), можам да забележам грчење во нејзините рамена и брадата, кога почнува да вели:

-Не можеш така да размислуваш! Кои сме ние да им го скратиме образованието?! Па, кај мојата Маша, сите од класот одат на најмалку три воннаставни активности! Јазик, се разбира. Спорт исто така, тие треба некаде да ја испуштат таа енергија. Конечно, креативна работилница, сликање, цртање, можеби роботика, таа е толку популарна сега! Мојата Маша минатата недела сама почна да поднесува апликации! Па знаете ли за каков чекор во иднината се работи?! Нема да се вратиме во 18 век, да беа по цел ден на ливада и во кал?! И каде да го најдеме тоа овде во градот? Сè е толку небезбедно! Подобро да бидат активни и да учат отколку да се на улица!

Сега и другите мамички кимаат, овој говор повторно ги потресе, ете, една паметна мајка зборуваше наместо нив. Сè е оправдано.

Оправдано е што семејството се гледа еднаш на две недели, на паузи од интензивни приватни часови, цртани, родендени и обврски. Оправдано е целото семејство да заспива пред телевизор или секој пред својот екран затоа што сите се премногу изморени, а всушност никаде нема физички замор, само потрошена енергија која не ни дозволува да се подигнеме, да направиме нешто. Сопствената безволност ја оправдуваме со „развивање на детето“, „можности за раст и учење и напредување“, „за тие да бидат подобри од нас“.
Во ова оправдување и наоѓање доволно добри изговори никогаш не се прашуваме: не претеруваме малку? Зошто да не одвоиме еден ден во неделата за да започне таа пауза. Тоа не мора да биде патување, не мора да биде спектакуларно, едноставно не правете ништо. Обичен ден – мајка и ќерка матат шлаг, татко и син го мијат автомобилот. Или целото семејство не прави ништо – оди до паркот без да го провери телефонот. Само се смее, зборува, слуша.

(Не)подносливата леснотија на постоењето во 21 век, во ерата на дигитализација.

Или и тоа е надминато? Подобро да продолжиме да се тркаме со ова турбо темпо. Додека не прегориме. Што ни е гајле! Барем нашите деца ќе знаат англиски!

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top