Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се породив пред еден и пол месец и иако живееме сами, кај нас буквално се пресели мојата свекрва за да ми помогне со бебето (сопругот оди на работа). Меѓутоа, помошта се претвори во тоа таа да одлучува за сè, да прави работи спротивни на тоа што го кажува педијатарот, да прави работи спротивни од договореното, па стасавме и до кавги за тоа како треба да се постапува во одредени ситуации. Знам дека има добри намери, сака да помогне, но нејзиното присуство ми прави голема нервоза. А навистина ми треба помош затоа што сопругот неретко заглавува на работа. Од една страна, се плашам како ќе се снајдам сама, а од друга, се затворам во тоалет за да плачам или, простете на речникот, ми доаѓа на клоци да ја кренам. Во еден момент сум пречувствителна, а во друг се тресам од лутина. Не сакам да ја повредам, но навистина сакам да почувствувам дека јас сум мајка и дека знам да се грижам за детето. Ве молам за совет!

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Ситуацијата со која се соочуваш навистина не е ни малку едноставна и носи голема комплексност на меѓусебните односи помеѓу членовите на вашето семејство. Секој однос помеѓу двајца луѓе е резултат на квалитетот на контактот кој тие го остваруваат, а тој контакт се темели врз јаснотијата на границите кои го одредуваат тој контакт и почитувањето на истите. Добрите односи се резултат на јасно поставени граници и нивно почитување. Кога границите не се доволно јасни, кога се премногу крути или премногу „порозни“, лесно е да бидат преминати. За да можеш да го подобриш контактот со својата свекрва, неопходно е прво да стекнеш подобар увид во своите сопствени граници и начинот на кој ти ги комуницираш истите. Следниве прашања можат да ти помогнат во тоа: Што за тебе е прифатливо? Што не е? Каде постои можност за компромис?
Притоа е неопходно да ја спознаеш и нејзината позиција, како и да ја уважиш нејзината љубов и грижа, бидејќи и самата велиш дека си свесна дека сите нејзини постапки се водени од најдобри намери. Тоа подразбира да ги познаваш и почитуваш и нејзините граници на контакт: Што за неа е прифатливо? Што не е? И каде можете да изградите компромис? Вие две сте различни индивидуи и природно е да имате потреба да ги правите нештата на различен начин. Почитувањето на овие разлики и почитувањето на меѓусебните граници е неопходно за да можете да се обедините и да изградите сојуз.
Твојата потреба да почувствуваш дека ти си мајка и дека знаеш и умееш да се грижиш за своето дете е сосема природна и важно е јасно да ја искомуницираш со својата свекрва на пријателски начин, иако можеби тоа на моменти тешко ти паѓа. Истовремено е важно да го уважиш и нејзиното место на баба, како и нејзиното животно искуство бидејќи таа е мајка со искуство која го одгледала човекот во кој ти си се вљубила. Од друга страна, доколку почувствуваш дека тоа е соодветно, важно е во овој процес да побараш поддршка од твојот сопруг. Прво затоа што родителските обврски и одлуки ги споделувате заедно, а второ бидејќи тој најдобро ја познава личноста на својата мајка и соодветно на тоа ќе знае како на најсоодветен начин да искомуницира некои работи со неа.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 078445224

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X