Воспитување

Додека ја пакувам облеката што ја надраснавте

Повторно е тоа време од годината. Опкружена со куп облека што се смалила, сфаќам дека сè ми доаѓа во исто време – и радоста што толку порасна и тагата – колку брзо порасна!? Оние моменти кога се пакува облека што децата повеќе нема да ја носат се најживописниот приказ на неуморниот тек на времето. Тогаш сфаќам колку брзо сè поминува, а тие ми растат пред очи, изгледа преку ноќ. Чекај, не помина ни една година откако ти го купив овој фустан, а сега не може ни како туника да се користи!

Повторно, доволно беше само да трепнам и да сфатам колку е сè минливо. Секогаш во трка да се постигне нешто. За првиот чекор, првиот збор, првиот заб, првиот ден во градинка, а потоа во училиште.

И не сфаќаме дека забораваме на други, многу поважни први работи. Првиот пат кога ме погледна в очи и се насмевна. Првиот пат кога посегна по мојата рака. Првиот пат кога трчаше да ме прегрнеш кога дојдов да те земам од градинка. Првите чевли… уште ги чувам. И неговите и нејзините.

И ме потсетуваат на оние први денови кога воопшто не знаев ништо. И кога беше толку тешко да се знае дали ја правам вистинската работа. И колку и да звучи лудо, тие чевли ме потсетуваат на тој период кога се чувствував понесигурно, а сепак посилно од кога било во животот. И затоа ги чувам. Затоа што кога ќе ги земам в рака, тоа е како за момент да се враќам во тоа време.

Еден ден, знам дека ќе го спакувам и последното „бебешко“ нешто. Цуцла, шише, столче. Тоа ќе значи дека веќе немам бебе, туку дете. Деца. Кои полека ќе прераснат во тинејџери. И од тинејџери во возрасни. И тогаш нема да морам да ги пакувам сите оние алишта што ги надраснаа и нема да морам да размислувам каде ќе одам со сите тие работи. До моментот кога ќе им помогнам да ги спакуваат сите работи бидејќи заминуваат во нов живот. Вашиот живот. Тогаш, знам, сите работи што ме прават нервозна и изморена сега, сите непроспиени ноќи, сиот бес и тепачки поради нередот во куќата – ќе сакам сето тоа да го вратам назад. Барем за момент. Затоа што ќе помине толку брзо, знам.

Но, денес не е тој ден. Денес само пакувам боди 86 затоа што долго време носиш број 98. Можеби ако дојде уште едно бебе, ако ми е премногу тешко да гледам како бебешките работи исчезнуваат од мојот живот. Можеби само за некој дождлив ден во иднина кога ќе сакам да ѕирнам во спомените.

И додека ги надраснуваш чевлите, облеката, играчките и многу други работи, ме теши тоа што знам дека колку и да растеш, никогаш не можеш да ја надминеш мојата љубов.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top