Воспитување

Додека ја гледам, се прашувам каде летнаа шест години

Неверојатно е колку брзо лета времето. Покрај 12 часа што ми ги одзема работата (во што го вклучувам и патувањето до работа и назад), речиси е невозможно да се направи нешто кога ќе си дојдам дома. Научив во овие повеќе од 7 години, по секојдневното патување на работа и долгото работење, да успеам да испијам кафе во тишина, да направам ручек (всушност вечера, бидејќи оброкот е по 18 или 19 часот), да ги измијат садовите и да се истуширам. И ете – дошло време за спиење.

Чистењето, перењето облека и собирањето со правосмукалка ги оставав за сабота, а се навикнав и да готвам во сабота за неделата, па барем неделата да помине полесно. Во почетокот беше необично и малку напорно, но се исплатеше. Она време што би го поминала готвејќи и миејќи садови потоа, го поминувам во прошетки и игри со моето семејство. Во таа трка со времето ни се родија две девојчиња кои „одеднаш“ пораснаа. Постарата неодамна наполни 6 години и потоа тргна на училиште, а помладата има 3 години и „оди во мало училиште“. Всушност, ја следи постарата и потоа учителката повремено ѝ дозволува да помине малку време со сестра си. Целата среќна, си ја подготвува ужината за носење.

Чудна е оваа учебна година. Само трчаме по маски, визири, ги дезинфицираме рацете…„Ново нормално“. За среќа, владее преголема возбуда околу наставата. Дури и малечката без приговори носи маска на лицето, иако очите едвај ѝ се гледаат кога ќе ја стави. Но, ете, се навикнаа. Покрај сето тоа, постарата тргнува на училиште. Оние први денови, додека ја носев, можеби бев и повозбудена од неа. Додека мирно покрај мене чекореше држејќи ме за рака, јас бев како вулкан пред ерупција. Ми дојде како дете да скокнам, да плеснам со рацете, да врeснам. Едвај ги задржував емоциите додека разговарав со неа.

Погледот на нејзиното лице и веселите очи само ми го зајакнуваа впечатокот. Додека од ден на ден ги гледам и ги слушам нејзините приказни од училиштето, се прашувам каде летнаа овие 6 години и дали е можно таа да е онаа трошка што ја донесов од породилиштето и од која се плашев. Да, се плашев.

Со истиот елан сè уште се подготвува за настава, освен што не ѝ одговара да има домашна задача. Мислам дека затоа сè уште низ домот барам учебник по математика. Откако го донесе првиот ден дома, му се изгуби секоја трага. Ме прашуваше што е тоа (математика), а кога ѝ појаснив, ми рече дека таа не го сака тоа, па учебникот едноставно исчезнал.

Но, по првиот час ми рече дека е всушност шега и дека ѝ се допаѓа. Само учебникот не го најдовме. Мислам дека за тоа ќе морам да направам „генералка“.

Инаку, благодарност до учителката за експресната промена на ставот кај мојата ќерка. Ѝ ги сруши предрасудите. Жената со својот стил на предавање и пристап неодоливо ме потсетува на мојот поранешен учител од основно училиште кој толку ми се допаѓаше како учител, што со години по завршувањето на нижите одделенија, при секоја средба, со голема почит го поздравував. Ќе ми биде драго ако некој таков ја подучува.

Автор: Марина Крешо Матиќ

Извор

Поврзани написи

To top