Таа ни потврди дека пред неколку дена наставници од Радовиш заборавиле осум дечиња во Зоолошката и тргнале со автобусите без нив

Групните училишни посети во Зоолошката градина во Скопје знаат да бидат вистински кошмар за вработените, кои често ги спасуваат децата од многу опасни ситуации, а нивните наставници за тоа време пијат кафе. Тина Мицковска, која работи во одделот за односи со јавноста во Зоолошката градина, вели дека децата се секогаш љубопитни и нормално е да ги интересира сѐ во градината, но наставниците не секогаш се трудат да им раскажат нешто за животните.

– Има прекрасни наставници, кои доаѓаат подготвени и со прва помош, информации, а си резервираат по телефон и прошетка со едукатор. Но, за жал, помногубројни се наставниците што седнуваат и пијат кафе додека дечињата се оставени сами на себе, а ние вработените наместо да ги работиме тековните работи, трчаме да ги спасиме од некоја поголема опасност. Воопшто не гледаат дека децата се влезени во забранети зони, како езерцата каде што, не дај Боже, може да паднат, дека се прекачени преку ограда кај опасни животни или, пак, кршат дел од инвентарот – вели Мицковска.

Животните ја обожаваат Тина

Наставници заборавиле 8 деца од Радовиш

Таа ни потврди дека пред неколку дена наставници од Радовиш заборавиле осум дечиња во Зоолошката и тргнале со автобусите без нив.
– Кутрите дечиња, беа преплашени зашто ги оставија сами во друг град. Едно детенце додека учителка пиеше кафе, падна и си ја дупна главата. Друга група деца уништија вртелешка која чини 5.000 евра. Среќа што ние, вработените, сме спречиле многу поголеми инциденти, иако јасно им е напоменато на училиштата дека деца до 16 години мора да шетаат во придружба и не смее да се пуштат сами низ градината – објаснува Мицковска.

На прашањето како реагираат наставниците кога вработените им укажуваат дека децата се во опасна ситуација или прават неред, Мицковска вели:
– Дел од нив се извинуваат и си ја поправаат грешката, дел, и покрај опомените, продолжуваат, а дел ги пријавуваме во општините од каде што е училиштето. За групни посети, сега подготвивме договор кој ќе го добијат на врата и со кој наставниците се обврзуваат да ги почитуваат правилата и да се грижат за дечињата.

Две камили умреле поради храна од посетители, морскиот лав Аби од камен

Проблеми со несоодветно однесување нема само при групните посети. Најголем проблем е тоа што деца во присуство на родителите им фрлаат забранета храна на животните.
– Најчесто родителите ги поттикнуваат децата да фрлаат храна кај животните. Многу пати мали дечиња од 6 и 7 години ги опоменуваат своите родители дека хранењето е забрането, но возрасните „деца“ уживаат да фрлаат смоки и чипсови. Полесно е да ги научиш дечињата затоа што сочувствуваат со животните и имаат голема емпатија. Поголем проблем се несовесните родители, кои за среќа, по многубројните кампањи, се во помал број – објаснува Мицковска.

Од неодамна ЗОО-чуварите имаат ингеренции и да отстранат посетител кој фрла храна во живеалиштата на животните. Мицковска вели дека кога се во таква ситуација, некои посетители покажуваат агресија, некои кажуваат навреди, клетви, па дури се обидуваат и физички да се пресметаат. Во некои случаи само добиваат опомена, бидејќи ете можеби навистина несвесно го сториле делото, но во екстремни случаи при уништување дрвца, садници и хранење животни ги отстрануваат надвор.

На животните може да им се нанесе сериозна штета врз здравјето, па дури и да умрат ако јадат забранета храна. Мицковска потсетува на случајот со видрата во Америка, која беше спасена од поплавите. Таа стана симбол и позната низ цел свет дека доби втора шанса за живот во еден ЗОО-парк каде што ѝ даваа неизмерна љубов. За жал, несовесен посетител ѝ фрли човечка храна и видрата умре.

– И во нашата Зоолошка се случувале вакви настани во минатото. Две камили имаат умрено поради храна од посетители, мајмунчиња кои се алергични на глутен, па смоките се кобни за нив. Морскиот лав Аби умре од камен. Сите овие прекрасни животни се жртви на нечовечност и неразбраност. Многупати луѓето мислат дека ако дојдат со овошје и зеленчук или, пак, дадат тревичка, дека не прават ништо штетно за животните. Но, секое животно си има своја табличка за исхрана и различно реагира на секоја храна. Токму зелката, бананите или тревата и лисјата може да бидат кобни за некои видови – вели таа.


Зоолошката градина не е обична ледина или парк

Покрај храната, иритира и вознемирувањето на животните со тропкање, викање, удирање по оградите и стаклата. Честопати дури и животните се чудат кога некој посетител им вика и испушта неартикулирани звуци, вели Мицковска.
– Тоа е дефинитивно најсмешно за набљудување – кога самото животно се чуди на недолично човечко однесување.

Низ целата Зоолошка, како и на влезот, се поставени правила и кодекс на однесување. Дека е забрането да се хранат животните, да се допираат и да се вознемируваат. Забрането е и да се уништува зеленилото, да се фрла отпад, да се возат ролери, тротинет или велосипед. Забрането е да се прекачуваат огради, деца под 16 години да шетаат без придружба, да се удира и тропа по стаклата и оградите. Овие правила важат во сите зоолошки и ЗОО-паркови низ светот.

Мицковска вели дека дечињата и животните се најискрените жители на нашата планета. Нема ништо поневино, поискрено и поблагодарно од дете и животинче, кои никому не му мислат лошо. Порачува да ги чуваме и да ги сакаме.
– Родителите мора да ги научат децата од мали нозе за љубов кон животните. Најлесен начин е да удомат бездомно маче или куче – ем ќе спасат живот ем за своето дете ќе обезбедат најдобро другарче кое ќе му биде верен пријател и ќе му даде безрезервна љубов. До наставниците (оние несовесните, да се разбереме) апелирам наместо да се „забораваат“ со долго пиење кафе, да внимаваат на децата кои родителите ги оставиле со нив мислејќи дека добиваат целосна грижа. Зоолошката градина не е обична ледина или парк каде што може да се пуштат дечињата да трчаат сами. Внимавајте на нив и научете ги нешто за животните. Верувајте, престојот во Зоолошка ќе го паметат по добиените корисни информации, а не по трчањето и бркањето низ целиот простор – вели Мицковска.



912

X