Да се стане мајка по 30. година или воопшто да се нема деца, во комбинација со прекумерна телесна тежина, може тројно да го зголеми ризикот од рак на дојка, покажува ново британско истражување. Експертите дошле до ваков заклучок преку анализа на податоци од речиси 50.000 жени. Тие откриле дека жените што родиле по триесеттата и значително се здебелиле во дваесеттите години имаат речиси трипати поголем ризик од развој на рак на дојка во споредба со помладите и послаби мајки.
Претходните истражувања веќе покажале дека раната бременост го намалува ризикот од рак на дојка, додека зголемената телесна тежина го зголемува. Се смета дека вишокот масно ткиво ја поттикнува продукцијата на хормони кои го поттикнуваат растот на тумори во дојките.
Експертите сметаат дека овие сознанија можат да помогнат лекарите полесно да ги препознаат жените со зголемен ризик од болеста.

– Важно е матичните лекари да бидат свесни дека комбинацијата од значително дебелеење и доцна бременост или воопшто немањето деца, значително го зголемува ризикот од рак на дојка – вели д-р Ли Малкомсон од Универзитетот во Манчестер, кој го водел истражувањето.
Во истражувањето, кое сè уште не е научно рецензирано, биле анализирани податоци од 48.417 жени со просечна возраст од 57 години. Сите биле со зголемена телесна тежина, но не и дебели.
Жените биле поделени во групи според тоа дали родиле пред или по 30. година, а се разгледувало и колку се здебелиле во младоста. Истражувачите ги прашале колку тежеле на 20 години и ја споредиле таа тежина со нивната сегашна.
Во периодот на следење од 6,5 години, 1.702 жени развиле рак на дојка. Се покажало дека жените кои ја зголемиле својата телесна тежина за 30 отсто во зрелата доба, а немале деца или родиле подоцна, имале 2,73 пати поголем ризик од оние што родиле порано и имале скромно зголемување на тежината (околу 5 отсто).
Доењето го намалува ризикот од рак на дојка
Врската помеѓу бременоста и ракот на дојка е сложена. Бременоста, без разлика на возраста, може краткорочно да го зголеми ризикот бидејќи доаѓа до раст и промени во ткивото на дојката, а најголем ризик постои околу пет години по породувањето. Со текот на времето, овој ризик се намалува и исчезнува приближно по 24 години.
Сепак, како што покажуваат најновите податоци, бременоста пред 30. година има долгорочен заштитен ефект. Дополнително, доењето уште повеќе го намалува ризикот.
Од друга страна, врската помеѓу дебелината и ракот на дојка е многу појасна. Вишокот масно ткиво ја зголемува продукцијата на хормони кои можат да го поттикнат растот на тумори во дојките.