Пандемијата драматично ги промени нашите социјални животи, а децата не се исклучок.
Игралиштата се празни, голем дел од училиштата се празни, а децата пропуштаат многу работи во средини каде што некогаш учеле и склопувале пријателства. Некои деца сега ги поврзуваат другите луѓе со поимот „опасност“. Тие поминуваат многу повеќе време пред екраните дома.
Многу родители се загрижени дека овој недостиг на социјална интеракција ќе има долгорочни ефекти врз способностите за учење, личноста и социјалните вештини на нивните деца.
Катрин Хирш-Пасек, директорка на лабораторијата за новороденчиња на Универзитетот „Темпл“ и виш соработник во институцијата Брукингс, вели дека верува во отпорноста на човечкиот дух и дека негативните аспекти на пандемиската изолација можат да бидат ублажени според видот на заштитната мрежа што родителите ја обезбедуваат за децата. Таа ги охрабрува родителите на малите деца да ја користат својата имагинација за да создадат повеќе социјални интерактивни активности и да научат да го „читаат“ расположението на децата за да избегнат пренесување на нивната вознемиреност кон нивните деца.
– Возрасните ја одредуваат рамката на перспектива кај младите деца и тоа е добрата вест. Ние сме тие што навистина контролираат дали сме безбедни и дали се чувствуваме безбедно. Ако не се дискутира за тензијата што постојано ја чувствуваме, ако не сме постојано на мобилните телефони, иако знам дека тоа е тешко, тогаш нашите деца ќе бидат во ред – вели таа.
– Но, за некои деца ова ќе биде прилично тешко време затоа што тие забележуваат несигурност, гледаат дека луѓето што ги сакаат се разболуваат, слушаат за вируси и бактерии, слушаат за родителска анксиозност, слушаат дека луѓето ги губат работните места, па ова е многу поголемо од пандемија: невработеност, сиромаштија. Овие деца длабоко искусуваат токсичен стрес. На овие деца ќе им треба многу љубов, прегратки, внимание и добро родителство – додава таа.
912