Имав двајца наставници по биологија преку кои го запознав, засакав и истражував светот во кој живеам. Славица Петанчевска и Душко Цветковски беа нашиот прозорец кон светот. Тоа се ретки ликови кои ќе ги паметам засекогаш. Исклучителни педагози, здраворазумни, срдечни, отворени и прецизни во секоја комуникација, вели професорката Синоличка Трпкова

Речиси нема човек што не се сеќава на наставник што го поттикнал да засака некоја област или предмет. Вообичаено не сме свесни за нивното значење додека не пораснеме. Но, наставниците многу често се заслужни за тоа дали ќе засакаме одредена област или не.
Кои им биле омилени наставници во основното на наши успешни актери, професори, пејачи, спортисти.

Трпкова со своето одделение (во вториот ред прва од десно), а од другата страна е наставникот по биологија

Синоличка Трпкова, актерка, професорка на ФДУ: Правични и строги од една страна, а топли и посветени – од друга

– Првите сознанија за животот и за сè што нè опкружува, видливо и невидливо, ги стекнав во основното училиште. Имав двајца наставници по биологија преку кои го запознав, засакав и истражував светот во кој живеам. Славица Петанчевска и Душко Цветковски беа нашиот прозорец кон светот. Тоа се ретки ликови кои ќе ги паметам засекогаш. Исклучителни педагози, здраворазумни, срдечни, отворени и прецизни во секоја комуникација. Нивната непоколебливост во отворањето нови светови остави трага врз генерациите што минаа низ нивни раце. Тие беа учители кои создаваа солиден интелектуален потенцијал кај децата, желба за учење, истражување, поставување прашања. За сето она за кое сме немале одговори или сме се срамеле да поставиме прашања – тие секогаш имаа начин да го објаснат и да ни го доближат. Не знам дали постојат такви наставници денес, со толкава правичност и строгост, од една страна, а со топлина и посветеност, од друга. Моето основно училиште „Јосип Броз Тито“ во Влае го паметам, пред сè, по наставниците и нивната одговорност кон професијата. Основното образование, генерално, во тоа минато време беше најефикасната превенција за сите „болести“ предизвикани од двата најсмртоносни вируси за човештвото – неписменоста и игнорантството.

Искра Шукарова, балерина, проф. на ФМУ: Класната Милица Деспотовска беше многу правична

– Особено драг предмет ми беше биологија, предмет кој го предаваше професорката и моја тогашна класна во ОУ „Кочо Рацин“, Милица Деспотовска. Таа умееше да ни даде целосна слика за предметот на многу непосреден начин. Јас ја сакав и ценев поради нејзината отвореност да зборува со секој од нас поединечно за различни проблеми во наставата и поведението кои се својствени за таа возраст. Беше многу правична и ја почитував поради тоа. Едноставно, прекрасна личност. Таа ни приоѓаше и за други нешта што сметаше дека е важно да ги знаеме како деца на таа возраст. Како професор, многу нè разбираше и ни укажуваше и на биолошките промени што нè следат поради возраста, односно фазата на пубертетот, давајќи ни насока како да се справиме со разни состојби.

Така што, предметот биологија и мојата драга професорка ми влеаја љубов за живиот свет до ден-денес. Денес и самата сум професор на катедрата за балетска педагогија. Од тој аспект знам и многу ми е јасно е дека мотивацијата доаѓа од самиот професор, бидејќи тој ја создава климата за воспримање знаење. Ученикот е мотивиран кога гледа дека професорот си ја сака работата, кога предава со страст. Кога бев на училиште, важно ми беше да нè разберат професорите, да знаат кои се нашите јаки страни и да нè поттикнат, но исто така конструктивно да ни укажат трпеливо и на слабостите и да нè водат кон прогрес и самоспознание истовремено и да нè подготват за реалниот свет во кој утре треба да зачекориме како здрави индивидуи. Искрено, воопшто не ги памтам наставниците што не беа мотивирани да предаваат.

 

Бранислав Николов (фото: Маја Аргакијева)

Бранислав Николов, пејач на групата „Фолтин“: Во основно сè ми беше рамно, но…

– Давам напор да се сетам, но ништо со пресвртничка вредност не излегува од моите сеќавања на основното. Можеби затоа што сè било рамно и без потреси, како во моето учење, така и во оценките и задоволството од нив. Но, ако смеам да се префрлам на средното, таму беше сосема подруга работата. Нема да споменувам имиња, само ќе кажам дека професорката по македонски јазик, барем за мене, беше и остана пример за тоа како не треба. Тоа е еден од оние контрасти во животот, кога поради некого развивате одбивност, а потоа, само поради себе, привлекување од едно исто нешто. Позитивниот пример дојде дури на Филолошкиот факултет со прекрасната и инспиративна професорка Жана Ангеловска. Таквите луѓе го владеат и го сакаат тоа што го предаваат и, што е многу важно, искрено сакаат да го предадат знаењето и на други и се радуваат кога тоа ќе се случи.

 

Кокан Ајановски, атлетичар: Неизмерно сум им благодарен што многу ме „мачеа“

– Кога во мислите се навраќам на деновите поминати во основното училиште, се сеќавам дека спортот за мене беше нешто најважно. Уште од 5. одделение почнав активно да играм кошарка. Паметам дека и со моите другари често се тркавме на кратки патеки. Затоа, секогаш професорите по физичко воспитание ги слушав со многу внимание, но љубовта и свесноста кон спортот кај мене беа и пред да ја добијам едукацијата од нив за тоа колку е важно да се грижиме за физичката активност и здравјето. Предметните професори што најмногу ми оставија впечаток во основно беа оние по македонски јазик, математика, географија, физика, хемија и биологија. Не дека другите не ја извршуваа својата работа професионално и посветено, но некако овие најмногу ми влијаеја и ме инспирираа, беа специфични по начинот на кој ги водеа часовите, сите беа свои и имаа свој стил, беа строги и имаа големо знаење во својата област.

Тоа беше клучно за мене уште од мали нозе постојано да учам, да бидам одличен и примерен ученик. Иако во тоа време слободно можам да кажам дека им бев „лут“ затоа што многу ме „мачеа“ да учам напорно, сега сум им неизмерно благодарен затоа што освен моите родители и брат ми, тие беа оние што имаа најголемо влијание во поставување на темелите на моето образование.

Леана Таќи (фото: Кочо Сотировски)

Леана Таќи, пејачка, комуниколог: Наставниците по музичко и физичко ми влеваа самодоверба

– Прекрасни сеќавања имам од основно – се сеќавам дека, пред сè, многу си ги сакав наставниците. Дури и тогаш повеќе ги сакав наставничките од предметите што повеќе ме интересираа: математика, англиски, музичко, ликовно… Особено драги сеќавања имам од секој од нив, но најмногу од наставничката по музичко, која беше и првата личност во мојот живот што ми влеа самодоверба за пеење и која секогаш ме подбутнуваше да пеам како солист на школските патронати.

Леа Таќи како дете

Бев дете со доста ниска самодоверба генерално, па често и ги избегнував часовите по физичко. За среќа, ми се погоди прекрасен наставник, Томче, кој ме охрабруваше да вежбам, а не ме форсираше кога едноставно не ми беше до тоа. Секогаш ме третираше како возрасен и рамноправен соговорник – и тоа вистински ми помогна. Се сеќавам и дека никогаш не научив да сакам историја – и дека на многу рана возраст сфатив дека секој народ има своја верзија од историјата и дека најчесто таа ги тера луѓето да не се сакаат.

Гораст Цветковски

Гораст Цветковски, актер: Учителката Олга беше закон!

– Јас би ја издвоил Олга Јанкова, мојата учителка од 1. до 4. одделение, како личност кон која секогаш чувствувам почит и блискост истовремено. Висока и стројна, уште тогаш следеше што ни беше важно, па така знаеше многу добро да се постави за сите барања и прашања, колку и тие да беа глупави. Еднаш дури и ни организира пречек на Нова година кај еден од нас зашто ни беше срам да ги прашаме девојчињата да дојдат и да славиме. Олга беше закон типка!

Гораст како дете



912

X