Воспитување

„Добрите деца знаат математика. Јас сум лошо дете“

Тоа попладне Милица дојде дома расплакана. Татко ѝ ја отвори вратата и виде дека детето е преплашено. Ништо не ја праша, само ја прегрна силно, најсилно што можеше. Таа продолжи да плаче. Кога малку се смири, ја праша што се случило.

– Добив два плус по математика. Миљана ми се смееше бидејќи добила пет минус. Ми рече дека сум глупава и дека паметните деца знаат математика. Никогаш нема да научам математика. Миљана ми рече дека нејзиниот татко рекол дека лошите оценки се срам за семејството. Вели дека добрите деца знаат математика. Јас сум лошо дете.

Татко ѝ се замисли и малку се намурти, би можело да се рече и дека малку се налути. Милица помисли дека сега сигурно ќе се налути и го спушти погледот. Посака како ној да ја стави главата во песок. Татко ѝ покажа на нејзините цртежи на фрижидерот. Милица црташе прекрасно, ѕидовите од училиштето беа полни со нејзините цртежи, ги имаше насекаде, освојуваше награди и сите ја фалеа.

– Како мислиш не си добра? Гледај што умееш?

– Но, тоа е ликовно, тоа е глупаво… За математика мораш да бидеш паметен, а за ликовно не.

Татко ѝ повторно го собра челото, така што веѓите му се споија во развлечена латинична буква „В“. Ѝ постави на Милица чудно прашање:

Кој е подобар – птицата или рибата?

Милица воопшто не разбра каква врска има сега тоа, но ѝ беше пријатно да зборува за нешто друго што не е математика, ниту за Миљана, па ни за себе…
– Како мислиш – кој е подобар? Како – кој е побрз, поголем, или…

– Како било… размисли малку за тоа.

– Не знам… Птиците можат да летаат високо, некои брзо, некои побавно, убави се, некои се баш шарени, но има и еднобојни, на пример, гулабот. Тој може да носи писма. А рибите… рибите можат да го видат само дното на морето. Да пливаат, да одат длабоко… И тие се шарени, имаат перки… Велат дека некои златни риби може да исполнат три желби. Не знам. И едните и другите се добри и интересни. Различни се.

– Да, различни како математика и ликовно, како Миљана и ти, како соседот Перо и јас. И сите сме доволно добри. Но, знаеш што е исто така важно? Да се обидуваме да бидеме уште подобри.

Таткото ја прегрна Милица и ја бакна во косата, а таа помисли дека иако сите татковци се различни и доволно добри, нејзиниот татко, сепак, е најдобар на светот.

Непознат автор

Поврзани написи

To top