Малку работи звучат толку ужасно и одбивно за тинејџерите како дружењето со нивните родители. Сепак, се чини дека таквото нешто има многу предности за истиот тој тинејџер и неговиот живот подоцна. Науката пронашла и докази за тоа, или поточно, спровела истражување на оваа тема. Се чини дека тинејџерите што имаат добар однос со своите родители имаат подобар социјален живот подоцна во животот.
Студијата што го докажала ова била објавена во списанието „ЈАМА педијатрија“ и открила дека блискиот и грижлив однос со родителите за време на основното и средното училиште е поврзан со голем број позитивни социјални настани дури и две децении подоцна. Тие ги базирале овие резултати на проучување неколку параметри, имено: три или повеќе блиски пријатели или дружење барем еднаш неделно.
Тие откриле дека оние што чувствувале најсилна врска со своето семејство во младоста биле подобро поврзани во зрелоста, двојно повеќе од оние што не ја чувствувале оваа поврзаност.
-Склони сме да мислиме на осаменоста во зрелоста или ниската социјална поврзаност како нуспроизводи на индивидуалниот избор, или социјалните структури на возрасните – изјавил за „Њујорк тајмс“ д-р Ендру Гарнер, педијатар и истражувач на Универзитетот „Кејс Вестерн Резерв“, кој не бил вклучен во студијата.
Од друга страна, оваа студија нè принудува да размислуваме развојно. Науката одамна знае дека добрите, силни односи родител-дете имаат директни последици врз зрелоста, но повеќето студии ја разгледуваат внатрешната страна на сето тоа – самоприфаќање или чувство на цел наместо надворешни димензии како што е задоволството од односите.
Д-р Роберт Ц. Витакер, автор на новата студија и професор по клиничка педијатрија на Универзитетот „Колумбија“, се обидел да го поништи овој традиционален пристап. Д-р Витакер и неговите колеги користеле податоци од Националната лонгитудинална студија за здравјето од адолесценција до зрелоста, која следела национално репрезентативна група тинејџери од седмо одделение, до нивните 30-ти и 40-ти години.

-Две децении податоци ни даваат поголемо чувство за вистина. Две децении податоци се убедливи. Тоа е голема работа – вели д-р Дејвид Вилис, професор по педијатрија на Универзитетот „Џорџтаун“.
Во раното детство учесниците оценувале колку членовите на нивното семејство ги разбираат, колку се забавувале заедно и дали се чувствувале згрижени и сакани, меѓу другото. Како возрасни, тие одговарале на прашања за структурата, функцијата и квалитетот на различните социјални врски. Се покажало дека адолесцентите што биле најповрзани со своите семејства имале подобри социјални врски како возрасни, 23,4 проценти повеќе од оние што не биле.
Автор: наташа Крстичевиќ