Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има 7 години и има паничен страв од инсекти, пеперутки, оси и од темнина. Пробувам на секаков начин да му објаснам дека не треба да се плаши, но безуспешно. Секогаш кога ќе добие паничен напад од некој инсект, мојот сопруг го кара и му кажува дека тој е машко и дека не треба да се плаши, но мислам дека тоа уште повеќе прави да се чувствува лошо. Во последно време почнува бебешки да зборува и цело време го опоменува дека тој е голем и не смее да зборува така. Целата поддршка и заштита ја има само од мене, а додека од татко му цело време е нападнат. Ве молам за стручен совет како да му помогнам да го надмине стравот.
ОДГОВОР: Стравот е нормална емоција која е присутна кај секое дете, но нејзиниот интензитет и спектар се во зависност со темпераментот на самото дете, карактерните црти и воспитниот стил и пристап на родителот. Стравот како таков може да биде развоен, што значи карактеристичен за одредена возраст и природен дел од емоционалниот развој на детето, но може да биде и невротичен, што значи неоправдан и нереален, каде што реакцијата на страв е премногу нагласена во однос на ситуацијата. Кога стравот е толку интензивен што предизвикува огромна вознемиреност која ги попречува нормалните активности на детето, станува збор за фобија. Овде станува збор за стравот од инсекти кој се нарекува ентомофобија. Она што е најважно е вие заедно да го видите и уважите стравот на детето.
Неколку чекори се битни кога се справувате со стравот на вашето дете, а воедно и вашиот страв поради тоа што вашето дете се плаши – тоа би значело секундарна реакција на страв кај возрасниот која нема иста тежина како реакцијата на детето. Прв чекор е да го препознаете стравот, т.е. да се случува. Многу е важно да му обезбедите сигурност во моменти кога доживува страв, поточно не треба вие да имате поизразена емотивна реакција и да бидете поуплашени од неговите емотивни реакции, туку треба да зрачите со една родителска самодоверба, дека кога е со вас, вие се грижите тој страв полека да си отиде. Многу е важно детето да знае дека и вие некогаш сте биле деца и сте се плашеле како него, и дека не е единствено, дека реакцијата на страв не е нешто што само нему му се случува, дека и вие, исто така, колку и да изгледате сигурни сега, некогаш сте се плашеле од слични работи. Во тој контекст можете да му прераскажете сопствена и искуствена приказна со некаков инсект од кој сте се исплашиле и како сте го решиле тоа. Бидете креативни. Потоа останете со вашето дете, да знае дека не е само, да ја почувствува сигурноста што му ја давате, можете полека со допир или со прегратка да го смирите, телесно да искреирате сигурност, обидете се дури и телесно да го поддржите, па да дишете заедно со одбројување или дишење балон, полека смирувајќи се.
Користете лепенки од инсекти или едукативни книги за деца во кои како додаток има лепенки со инсекти кои треба да се залепат на соодветно место во книгата. Доколку успешно поминете со сликите и лепенките, купете играчки инсекти. Играјте во песок или ставете инсект во тесто, па потоа барајте го заедно. Следно, гледајте некакво документарно видео за инсекти. Раскажете му зошто се тие важни за нашата планета Земја. Нека ја види и нивната позитивна страна, нека ги засака. Потоа обидете се да направите мал инсектариум направен на стиропор во боја. Обидете се да разговарате со вашиот сопруг околу ова видување на стравот.
Споделете го ова прашање и овој одговор со него. Поттикнете дискусија. Дајте му ваши идеи и предлози како да се намалат критиката, нападот и осудата, а да се зголеми охрабрувањето, поддршката и присутноста во решавање на конкретниов страв кај детето.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912