Воспитување

До сите исцрпени мајки: Ве гледам – и јас сум како вас

Ова е за сите вработени мајки:

Ве гледам во продавница во недела вечер во 21 часот. Купувате крекери и смрзнати вечери. Го проверувате телефонот за е-пошта од изминатата недела. Двапати ја проверувате листата со намирници додека истовремено пресметувате на калкулатор колку трошите. Ве гледам како пристигнувате дома, носејќи ги сите тие намирници сами. Сами ги распакувате и ги редите. Знам дека децата ќе се разбудат барајќи храна и никогаш нема да се запрашаат како храната се нашла тука. Ве гледам, доцна ноќе кога сите спијат, а вие ги миете садовите, ги местите алиштата додека малку ѕиркате во телевизорот. Воздивнувате знаејќи дека ќе бидете изморени утре ако веднаш не легнете, но копнеете по малку време за себе.

Ве гледам како се будите рано за да можете да ја пуштите машината за перење пред сите да станат и да ги завршите домашните обврски околу појадокот, местење ужини.

Ве гледам како се обидувате да одговорите на повеќе од една е-порака додека истовремено го притискате копчето за вклучување на тостерот. Ве гледам на училиште, седејќи блиску до мене, гледајќи на часовникот, ве гледам како ѕиркате каде е вашето малечко, дали ќе излезе меѓу првите, за да можете да стигнете и на оној важен состанок. Ве гледам дека потскокнувате за детето да ве види дека сте дошле. Да го препознае вашето лице во публиката и да се чувствува важно. Затоа и сте таму. За тоа малечко лице кое конечно ќе ве препознае меѓу сите тие лица, додека се мачи да ги запомни движењата што треба да ги изведе.

Ве гледам како ги читате насловите на „Фејсбук“ дека едноставно треба да се остави телефонот и да се биде присутен. Наслови за тоа кои работи им се потребни на децата, колку им требате, колку им е потребно слободно време за игра и здодевност. Гледам дека се прашувате дали е тоа можно. Не само за вас, туку за секој родител. Знам дека се чувствувате виновни. Знам дека сè е на ваш грб. Ако децата се разболат, вие сте тие што ги носат на лекар, знам дека се будите навечер кога слушате како некое од нив кашла.

Знам дека ќе земете ден од работа за да се грижите за болното дете.

Знам. Јас бев одгледана од вработена мајка. Јас сум вработена мајка. Ве гледам. Добро ви оди. Ова е и за вас, соло татковците и татковците кои работат и се обидуваат да биде сè како што треба. Ние сме лепилото кое држи сè заедно. Нашите деца се инспирирани од тоа што нè гледаат колку сме посветени да бидеме добри на нашата работа и добро да ги извршуваме нашите обврски. Тие ќе бидат силни ако гледаат мајки кои плаќаат сметки или помагаат во плаќањето сметки. Треба да сме горди.

Горди на нашата работа и да сме горди што сме родители, исто така. Нашите деца ќе бидат горди некој ден. Веројатно веќе се.

Автор: Џоана Шроедер

Извор

Поврзани написи

To top