Воспитување

До маќеата што повторно го спои моето семејство

Драга маќео,

Пред да се родам, мојата мајка и мојот татко се разделија и поради тоа, го видов само уште еднаш додека бев уште малечка и потоа не го видов повеќе, сè додека не бев во средно училиште. Тој не сакаше да има ништо со мене, но неговата сопруга сакаше да имаме барем некаков однос. Ми испраќаше писма и фотографии каде што ми прикажуваше детали не само за него, туку и за моите браќа. Времето поминуваше и потоа писмата престануваа. Немав идеја зошто. До крајот на средното образование веќе станав љубопитна и ги побарав татко ми и браќата на „Фејсбук“. По денови потрага и пораки, конечно го најдов татко ми.

Тогаш започна нашето патување.

Го најдов постариот брат, а потоа и двајцата помлади браќа. Потоа тетки, потоа братучеди. Ја пронајдов целата страна од семејството за која не знаев ништо. Потоа те најдов тебе, жената која ми пишуваше писма кога бев помлада, бидејќи тој премногу се плашел да зборува со мене. Изгледа дека неодамна сте се разделиле, но ти си била убедена дека јас и браќата некогаш ќе се сретнеме. Дојде мојата матура, а јас отидов да си го видам семејството. Веќе го запознав постариот брат кога дојде да ме посети, но сакав да ве запознаам и тебе, браќата, да го видам татко ми, мојата тетка и баба. Патувањето помина добро. Мислев дека ќе заврши ерата во која посакував татко ми да сака да ме види, но не се случи тоа. И во ред е, бидејќи како што поминуваше времето, се зближив со тебе.

Сега е 2021 година, 11 години откако дојдов и те запознав. Се омажив, имам син. Не можеше да дојдеш на свадбата, а по два месеца откако се роди син ми, ти почина. Само така, си замина. Прво, кога дознав, бев шокирана. Не можев да верувам. Потоа почнав да размислувам: како се браќата, твоите синови. Што може да направам за да исчезне болката? Не го запозна мојот сопруг, мојот син. Замина пред да ти кажам колку те ценев. Колку те почитував, ти се восхитував и колку те сакав.

Секогаш ја почитуваше мајка ми и си го знаеше „своето место“ како маќеа, но секогаш ме нарекуваше ќерка. Ми помогна да создадам врска со браќата. Ти беше мојата маќеа, требаше да ме третираш како твој слуга, како чудна закана бидејќи сум дошла од жената која твојот маж претходно ја сакал. Откако се разделивте со татко ми, би требало да не сакаш ништо да имаш со мене. Штета е што вака се замислуваат маќеите и очувите. Имав прекрасна маќеа и имам прекрасен очув. Двајцата ги сакав многу и тие ме сакаа мене. Па, би сакала да ги кажам сите овие работи, да се заблагодарам, да те уверам дека многу ми значеше и дека сум многу благодарна што те имав.

Ќе те сакам секогаш,

Наташа.

Кажувајте им на луѓето околу вас дека ги сакате. Дајте им до знаење на родителите, бабите, дедовците, тетките, чичковците, браќата, сестрите, сите, да знаат точно колку сте благодарни што ги имате, бидејќи никогаш не знаете кој ќе биде последниот разговор со нив.

Автор: Наташа Пајпер

Извор

Поврзани написи

To top