Една неодамнешна сабота мојот петгодишен син направи нешто чудесно.
Се разбуди, стана од кревет, ја зеде својата облека, ја отвори вратата на врвот од скалите, внимателно ја затвори за да се увери дека неговиот мал брат е безбеден, слезе по скалите, легна на кауч, се покри со ќебенце и вклучи ТВ за да гледа „Нетфликс“. Сѐ сам!
Не сте воодушевени?
Е па јас сум бидејќи го споредувам ова мало момче кое изврши список со едноставни задачи со беспомошното бебе кое ме тераше да ги бројам часовите до спиење пред не толку многу години. Кога тој сѐ уште беше бебе, се сеќавам дека во 9 часот наутро игравме на подот во неговата соба, а јас ги броев часовите да видам уште колку останале додека не го ставам на спиење. Тој не беше бебе што бара многу. Поголемиот дел од времето беше спротивно: среќен, добро јадеше, мирно спиеше (знам… ве молам, немојте да ме мразите).
Како што секоја книга за родителство ќе ви каже: бебињата прават одлични работи. Ви се смеат, учат да ги креваат предметите, се вртат, се влечат по подот и на крајот научуваат да ползат. Научуваат да прават звуци кои еден ден стануваат вистински зборови. Почнуваат да јадат вистинска храна. А јас навистина сите овие моменти ги сметав за фасцинантни. Па, во што е мојот проблем? Зошто толку гледав на часовникот? Иако трансформацијата од денот кога бебето ќе се роди до првиот негов роденден е интересна, секојдневната грижа за бебето може да биде навистина здодевна. Помеѓу сите тие „дали го виде тоа?!“ моменти има многу здодевни часови.
Часови поминати зборувајќи со некој што не може да одговори. Читање исти книги одново и одново, претерано нагласувајќи ги зборовите, со засилен ентузијазам и лажно изненадување: „Јупиии, малиот син камион успеа да излезе од кал!… Повторно.“
Толку многу променети пелени и куп облека за перење. Километри бесцелни прошетки по населбата само за да излезете надвор или бесконечното одење низ куќата во 2 часот наутро додека се обидувате да го убедите вашето бебе дека е всушност поспано. Литри и литри млечна формула за бебе која сте ја направиле и безброј направени оброци (макар за првото дете, второто ги доби оние од продавница…жал, ми е малечок).
Пакување и распакување на толку многу работи за бебе иако знаете дека ќе ви требаат можеби само 10 отсто од она што ќе го понесете, но за секој случај вие тоа морате да го земете со вас. Безброј пати одговорено прашањето „Како е бебето?“, со изморена насмевка и не така возбудлива новост. „Одлично, синоќа спиеше 3 часа без да се разбуди“. Помеѓу сјајните моменти, тоа е здодевно, монотоно и исцрпувачки. И не престанува.
Тоа е она што мене ме погоди – начинот на кој им требаш. Цело време. Во текот на тие денови често имав чувство дека времето поминува забавено. 5 часа до спиење (или 12?!) и исполнувањето на туѓите потреби додека свесно ги занемарувате своите, се чинеше како вечност. Времето за спиење секоја вечер ми го даваше долго очекуваното олеснување. Уште еден ден со бебето е готов. Уште еден ден во кој некому му бев потребна 100 проценти. Моите момчиња сега имаат 3 и 5 години. Ним и понатаму им треба многу внимание, време и труд. И понатаму сум среќна кога навечер ќе ја здогледам мојата перница, но престанав да ги бројам часовите дотогаш. Деновите поминуваат малку побрзо и малку се позабавни. Секоја година тоа чувство дека не смеете да го тргнете погледот од нив ниту за секунда по малку бледнее.

Па, ако сте вие мајка на мало дете и го броите времето до спиење, знајте дека еден ден тоа нема да го правите. Со текот на времето деновите ќе престанат да бидат толку досадни и да траат толку долго. Тие ќе научат да одговорат (иако понекогаш ќе посакаат да не можат). Еден ден тие ќе ви читаат и ќе бидете толку горди кога ќе сфатите дека тие драматични изведувања додека сте читале приказна за мал син камион биле апсолутно вредни. Пелени веќе ќе нема, облека, за жал, ќе има. Наместо бесцелни прошетки низ соседството, ќе ги гледате како возат велосипед низ истата таа улица, а во 2 часот наутро сите ќе спиете. Храната и натаму ќе треба да ја правите, но сите ќе јадат исто јадење (дури и ако тоа значи многу пилешко, макарони и сирење). Ќе ја подарите некому вашата торба за мајките.
А вие ќе имате поинтересни одговори кога луѓето ќе ве прашуваат како ви се децата бидејќи петгодишници кажуваат пресмешни работи. Таа неодамнешна сабота, откако слушнав дека син ми стана од кревет, му дадов околу 5 минути, а потоа му се придружив на каучот. „Сам слезе долу, зарем не?“, му реков. Кимна со главата помалку изгубено: „Донесов облека и си ја пуштив мојата програма“. „И беше внимателен по скалите и се увери да ја затвориш вратата“, му реков. Тој повторно кимна со главата. „Браво другар. Горда сум на тебе што сè направи сам“. Се насмевна и повторно се насочи кон ТВ. Тој ја гледаше својата програма, а јас гледав нешто на телефон пред да станам да направам кафе.
Потоа го поминав цел ден без ниту еднаш да ги бројам часовите.
Автор: Меган Рузомберка