Здравје

До кога е нормално детето да мокри во кревет? По оваа возраст треба да посетите лекар

Мокрењето во кревет или енуреза е форма на уринарна инконтиненција што се јавува кај приближно 15-20% од децата од предучилишна и училишна возраст.

Детскиот уролог д-р Виктор Губарев објаснува до која возраст е нормално детето да мокри во кревет и кога треба да се посети лекар. Постојат многу причини зошто се јавува енуреза, а секој случај е индивидуален, па затоа и третманот е индивидуален за секое дете.

Децата речиси секогаш се свесни за проблемот и колку се постари, толку повеќе се вознемирени поради мокрењето во кревет, а тоа може да развие и цел комплекс од психо-емоционални проблеми, па затоа е важно навреме да се посети лекар.

Се смета дека инконтиненцијата кај деца до четири или пет години е повеќе или помалку нормална бидејќи структурите што го регулираат процесот на мокрење сè уште не созреале. Затоа, петгодишната возраст се смета за конечна прифатлива граница за мокрење во кревет.

Преглед и третман на дете со енуреза

Најважно е лекарот да ја утврди точната причина за енуреза, а бидејќи причините можат да бидат различни, во прегледот обично се вклучени уролог, невролог, ендокринолог и психолог.

Третманот на енуреза, како и други нарушувања на уринарниот систем, директно зависи од нејзината причина и е збир на мерки што може да вклучуваат промена на навиките поврзани со пиење течности, развивање вештини потребни за одење во тоалет, препишување апчиња, физиотерапија, сесии со психолог итн.

Докторот истакнува дека под никакви околности не треба да казнувате дете затоа што мокрело во кревет ноќе – тоа го направило ненамерно, не од злоба, туку затоа што неговото тело функционира на тој начин.

-Не можете да казните дете ако има болно грло. Треба да го лекувате. Сосема е исто и со енуреза – вели д-р Губарев.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор

Поврзани написи

To top