Губењето дете е еден од најтрауматичните настани што можеме да ги замислиме. Од друга страна, кога станува збор за губење на бременоста, немаме јасна претстава за каква загуба се работи и што таа носи со себе.

Губењето на бременоста е вообичаено, 10 до 20 отсто од сите потврдени бремености завршуваат со спонтан абортус (загуба до 20. недела од бременоста), а уште еден отсто од бременостите се изгубени по 20. недела од бременоста. Таквите загуби често се невидливи. Многу спонтани абортуси се случуваат пред да ја споделиме добрата вест за бременоста со нашите пријатели и членови на семејството, па дури и кога луѓето околу нас знаат за бременоста, тие често не ја препознаваат длабочината на загубата по спонтан абортус.

Истражувањата покажуваат дека дури 30 отсто од жените што доживеале губење на бременоста имаат значителни емоционални реакции и проблеми со менталното здравје. Една од 10 жени по изгубена бременост ќе покаже знаци на нарушување дијагностицирано како анксиозност, депресија или посттрауматско стресно растројство.

И покрај тоа, општествено сме научени да бидеме слепи за овој вид загуба и да не ја признаваме како легитимна.

Една од најспецифичните работи поврзани со губењето на бременоста е тоа што ја губиме иднината, а не минатото. Кога губиме сакана и драга личност, ни остануваат слики, спомени, имаме минато кое нѐ поврзува со таа личност. Со губење на бременоста го имаме само она што си го замислуваме. Сите идеи за тоа како ќе изгледа нашиот живот со дете остануваат изгубени и едноставно исчезнуваат.

Родителите, особено трудниците, чувствуваат поврзаност со бебето за време на бременоста, но сè уште не постои прифатен начин да се одбележи таа загуба. Нема погреб, церемонија, ритуал, прифатено жалење, прегратки за поддршка, сочувство… Пријателите и членовите на семејството, како и медицинските работници, често очекуваат личноста која доживеала таква загуба брзо да продолжи понатаму.

Честа заблуда е дека новата бременост може да ја ублажи болката од претходната загуба. Не е секогаш така едноставно. Напротив, неколку истражувања покажаа дека жените по загуба имаат повисоки стапки на анксиозност и депресија во следната бременост. Кај одреден број жени овие чувства траат во текот на целата бременост, па дури и по бременоста, особено ако доживеале повеќекратни пренатални загуби.

Последиците од справувањето со загубата во претходните бремености, исто така, може да влијаат врз способноста на мајката да се поврзе со своето бебе по породувањето.

И мажите ги носат лузните од загубата

Важно е да се има предвид дека и таткото останува неисполнет во својата улога поради губењето на бременоста.

Мажите и жените често користат различни стратегии за да се справат со загубата. Додека жените почесто зборуваат, тагуваат, ги изразуваат своите емоции, мажите ќе се обидат да ги потиснат и контролираат своите емоции за да бидат „силни“ за партнерката.

Овие различни начини на тагување и справување со стресот може да ги оштетат партнерските односи бидејќи мажите и жените се на различни места, тие не тагуваат заедно, но секој од нив го бара она што им треба и на двајцата.

Психолошка поддршка за парови кои доживуваат губење на бременоста

Ако и вие сте се соочиле со губење на бременоста, еве неколку совети кои можат да ви помогнат:

  • Прво, прифатете го она што го чувствувате;
  • Вашите чувства се нормални и очекувани. Не борете се против нив;
  • Дозволете си и дајте си време да тагувате;
  • Новата бременост нема да ги залечи раните, затоа не брзајте;
  • Бидете заедно во соочувањето со загубата.

Споделете ги вашите чувства со партнерот. Бидете заедно, поддржувајте се еден со друг. Дозволете искуството на загуба да ве врзе наместо да ве распарчи.

Не обвинувајте се себеси

Некои работи едноставно се случуваат и колку и да нè боли, тие се составен дел од животот. Наместо да се обвинувате себеси, обидете се да ги фокусирате мислите на сè на што можете да влијаете во моментов.

Не двоумете се да побарате помош

Низ сето ова не треба да поминувате сами. Психолошката поддршка може да ви биде од голема корист, особено ако заедно одите кај психолог.

Како психолошката помош може да биде корисна?

Секоја бременост има своја репродуктивна приказна, свесна или несвесна. Таа е составена од сите оние идеи, соништа, фантазии, надежи, очекувања кои кога ќе ги изгубиме, можеме да почувствуваме дека сме изгубиле многу повеќе од бебето. Можеме да почувствуваме дека сме изгубиле дел од себе.

Извор



912

X