Син ми, иако е многу мал, сака да чита книги. Сигурно наследниот ген е присутен кај него. Ќерка ми, пак, сака да црта, пее и како сите девојчиња – да се дотерува
Многумина ги прашуваа моите родители зошто ги насочуваат децата кон уметноста кога во Македонија „од уметност не се живее“. Тие сепак нѐ поддржаа. И јас целосно би ги поддржала моите деца, каков и да е нивниот избор, вели Дита Старова-Ќерими, ликовен уметник, мајка на Арбер (5) и Арба (3), сопруга, речиси три години директорка на Националната галерија на Македонија. Уметничките гени се присутни во семејството Старова. Татко ѝ е истакнатиот писател и академик Луан Старова и заедно со мајка ѝ, професорката и судијка Гзиме Стaрова, израснале три ќерки, а секоја од нив се зaнимава со некоја уметност. Со Старова-Ќерими разговараме за предизвиците во професионалните ангажмани, за балансирањето помеѓу сите обврски што ги носи денот.
Раководите со Националната галерија на Македонија, во чии рамки функционираат дури четири големи објекти. Во време кога сите светски статистики велат дека врвните позиции во институции сѐ уште им припаѓаат на мажите, како жена, како се снаоѓате во улогата?
– Оваа одговорна функција ја извршувам нецели три години. Вистински предизвик е за секоја жена. Сметам дека жената поуспешно може да се носи со оваа одговорност. Многубројни истражувања го потврдиле фактот дека жените покажуваат повисок степен на посветеност и ангажираност во рамките на една институција, посебен креативен сензибилитет за остварување поголем успех на институцијата. Напорна работа е за една жена да постигне успех на професионален план. Бара голема посветеност и пожртвуваност кон работата. Треба да дадете сè од себе, искрено, несебично да верувате во крајната цел. Резултатите секогаш се присутни и најчесто доаѓаат неочекувано. Треба да бидете многу трпеливи, да се насочите кон тоа што сакате да го постигнете и да работите посветено. Жената рамноправно се позиционира во светот на мажите преку голема верба во тоа што го работи и со голема приспособливост. Успешните жени-лидери често имаат способност да ги негуваат и одржуваат лојалноста, довербата, посветеноста и честа во семејството и во работната средина. Од локален контекст, би рекла дека жената во Македонија не може да има успех без жртвување на приватен план и без силна поддршка од најблиските.
Сопруга сте и мајка на две мали дечиња. Вашата работа подразбира промоции, изложби кои се отвораат навечер… Како балансирате со обврските?
– Со гордост би рекла дека сум среќна сопруга и мајка на синот Арбер, кој има 5 години, и тригодишната ќерка Арба. За мене, улогата на сопруга, посебно на мајка, е улога покрај која сите други обврски стануваат лесни и совладливи. Бидејќи денот го започнувате со мисла за приоритетните императиви, постојана мисла и грижа ми се моите деца, кои сè уште се мали и им е потребна мојата помош и грижа. И колку и да сум зафатена со други обврски, тие ми ја донесуваат радоста на денот и на животот. Многу е тенка линијата помеѓу професионалниот и приватниот живот, особено кога и двајцата сопружници се на одговорни позиции. Мојот сопруг Фидан Ќерими е дипломиран економист, оперативен директор во ,,Вестерн Јунион“. Но, со добра организација се наоѓа време за сè. Успеваме да ги усогласиме нашите обврски, а сепак да функционираме во хармонија. Настојувам да поставам и да одржам рамноправен баланс помеѓу работните и обврските кон семејството. Жената се чувствува успешна единствено ако ги усогласи овие две компоненти. Факт е дека работните обврски честопати преовладуваат и се наметнуваат дури и во приватниот живот. Но, со полно разбирање и поддршка од семејството, успевам да ги усогласам улогите на сопруга, мајка и директор.
Како наоѓате време за својата прва професионална љубов – ликовната уметност?
– Кога го сакате тоа што го работите, се преминуваат сите можни препреки. Поради сите обврски, немам доволно време на располагање. Но, кога сакам да се оттргнам од секојдневните обврски, секој миг го користам за креативно дејствување. Откако знам за себе ја сакам уметноста. Во мигови кога сум со моите деца знам да земам платно и бои, заедно да создадеме дело. Во тие мигови децата се пресреќни. Во периодов сум посветена на неколку дела кои треба да ги направам за изложба.
Ќерка сте на еден од најпознатите писатели во Македонија, академик Луан Старова и судијката и професор Гзиме Старова. Како растењето во семејство каде што културата е силно изразена во секојдневието се одразува врз децата?
– Да се расте покрај големата таткова библиотека, покрај секојдневната музика што ја свири сестра ми, познатата флејтистка (и проф. д-р) Јета Старова-Махмети, мајка ми… е идеал за секое дете што расте во здрава средина. Естетските вредности ви се наметнуваат уште од најмала возраст, а покрај родителите се надополнуваат. Домашното воспитување, гените и соодветната едукација се клучевите за растење успешни деца. Не случајно старите рекле дека семејството во хармонија е неисцрпен извор на позитивна енергија, сила и радост за каков било предизвик.
Дали некое од децата го има наследено уметничкиот ген?
– Сите деца во себе носат дарба кон одредена уметност. На нас, родителите, е да го откриеме талентот на нашите деца и да им помогнеме во совладувањето. Син ми, иако е многу мал, сака да чита книги. Сигурно наследниот ген е присутен кај него. Ќерка ми, пак, сака да црта, пее и како сите девојчиња – да се дотерува.
Многумина велат дека од култура не се живее. Дали би ги поддржале своите деца да се занимаваат со уметност?
– Многумина ги прашуваа моите родители зошто ги насочуваат децата кон уметноста кога во Македонија „од уметност не се живее“. Тие сепак нѐ поддржаа. Јас студирав и магистрирав на Факултетот за ликовни уметности, а потоа и докторирав од областа на историјата на уметноста. Денес сум директор на една од најзначајните институции во културата. Сестра ми, која заврши факултет во Париз, денес е професорка на Педагошкиот факултет, а мојата најстара сестра, д-р Блерина Старова-Златку, е познат меѓународен професионален преведувач. И јас целосно би ги поддржала моите деца, каков и да е нивниот избор. Иако дојде време кога компјутерското инженерство зеде голем замав, секоја епоха си ги носи своите подеми.
912