Воспитување

Дисциплината не е борба помеѓу вас и детето, туку…

Кога детето има изливи на гнев секој ден поради најбанални работи или децата се расправаат за иста играчка иако имаат безброј други околу себе, сигурно брзо го губите трпението и едвај чекате да заврши тој ден. Не сте единствени. Сите што сме родители постојано бараме нови начини да ги дисциплинираме нашите деца без да реагираме бурно. Меѓутоа, најчесто грешиме.

Што правиме кога нашите деца не се однесуваат убаво? Ги испраќаме в соба и им велиме дека не можат да излезат додека не престанат да плачат. Или им ја земаме саканата играчка од рака и им велиме да престанат да се расправаат. Ни самите не знаеме каква казна е соодветна за нивното однесување. Некои од нас го земаат моделот на воспитување од родителите, а некои од другите мајки врз основа на нивните искуства. Честопати чувствуваме дека ја губиме контролата и сме лути повеќе отколку што сакаме да признаеме.

Пораснавме верувајќи дека дисциплината значи казна, а тоа е она што го применуваме кај нашите деца. Се обидуваме да се справиме со тоа користејќи ги нашиот авторитет и моќ за да ги принудиме децата да нè послушаат. Но, тоа не е дисциплина.

Учење преку дисциплина

Заборавете на казните „тајмаут“ и броење до 3. Дисциплината не е борба меѓу вас и детето. Наместо тоа, обидете се да го научите детето како да:

-Ги контролира своите емоции
-Поставува граници
-Се однесува убаво
-Има добар однос со децата и со возрасните.

Ова се најважните лекции што детето може да ги научи од непријатни ситуации. Кога децата се караат, тоа е можност да ги научите да разговараат и да си играат со истата играчка. И при напад на бес треба длабоко да дишат и да ја прегрнат својата играчка или ќебето што ги смирува. Наместо постојано да викате, дајте му на вашето дете одредена одговорност за да го поттикнете да преземе иницијатива. За навистина да го научите детето на нешто преку дисциплина, применете го следново:

Разберете дека однесувањето на детето е нормално

Често забораваме дека детето е токму тоа – дете. Се нервираме кога долго ги мие рацете или се расправа и тепа, бара одредена маичка или се лути кога е време за одење дома. Сепак, не смееме да заборавиме дека токму тоа значи да се биде дете. Децата не се возрасни и немаат чувство за ефикасност, време или однесување. Нивниот најголем проблем е дали ќе ја носат омилената маица. Иако за нас тоа е глупаво, ним им е важно колку што ни се нам важни нашите проблеми. Кога ќе прифатите дека нивното однесување е нормално (на пример, изливи на гнев во одредени години), иако тоа е фрустрирачко, ќе имате многу повеќе трпение. Децата само учат да ги контролираат своите емоции.

Не земајте сè при срце

Понекогаш имаме визија за тоа како треба да изгледа родителството и како треба да се однесуваат децата, а ако тоа не е случај кај нас, разочарани сме. Многу пати планираме нешто или одиме некаде затоа што мислиме дека ќе биде забавно и излегува сосема спротивното. На пример, планираме да одиме на пикник или семејна прослава и однапред се радуваме затоа што мислиме дека ќе биде среќен спомен за нас и за децата. И тогаш децата плачат, се расправаат каде да се оди на пикник или се лутат пред целото семејство.

Вие сте на иста страна

Кога децата се однесуваат лошо, повеќето родители брзо го губат трпението, го креваат гласот и го менуваат расположението. Тогаш настанува ситуација во која родителот е против детето, во една сосема неправедна борба во која веќе однапред се знае победникот (родителот, се разбира). Затоа, оваа ситуација „јас“ против „ти“ претворете ја во „ние“. Замислете студент и професор да држат предавања пред испит. Професорот не го предава испитот со желба да го падне студентот. Тој му дава знаење што ќе му овозможи да го положи испитот. Професорот и ученикот се на иста страна како што треба да бидат родителите и детето.

Важно е да ги учиме децата, а не да победуваме

Децата го следат примерот на своите родители и учат од нив. Ако ги научите да ги контролираат емоциите, нема да имаат изливи на гнев, туку ќе научат да кажуваат „лут сум“ и ќе ја земат играчката што ги смирува. Така учењето преку дисциплина станува добитна комбинација за сите. Веќе нема да се расправате кој е главен, туку заедно ќе дојдете до решение.

Извор

Поврзани написи

To top