Кога детето се чувствува лошо, како ни е нам?
„Дисциплина без драма“ претставува специфичен пристап во воспитувањето и одгледувањето на децата кој, според познатиот хрватски психотерапевт и практичар на терапија со игра, Теа Кнежевиќ, е многу ефикасен и долгорочно придонесува за тоа детето да се учи на саморегулација и да има чувство за одговорност. За да се сфати системот на функционирање на овој пристап, Кнежевиќ вели дека првин треба да се прашаме што всушност сакаме да постигнеме со дисциплинирањето на децата.
Дали само сакаме детето да го смени своето однесување кога го дисциплинираме и дали се работи само за успешно поттикнување на некој друг начин на однесување?
„Одговорот е едно големо НЕ. Промената на однесувањето не смее да биде единствената цел бидејќи поентата на дисциплинирањето не е само неговата послушност, односно пасивност на детето“, вели Кнежевиќ.
Зошто дисциплинирањето е толку тешко?
Кога детето се чувствува лошо, како ни е нам? За да можеме да му помогнеме на детето да се регулира, и ние треба да го држиме под контрола нашето однесување, бидејќи ако се разбудат нашите емоции, тогаш работата станува потешка.
„Дали можеме да го разбереме детето кога се лути? За детето, неговата лутина е вистинска, но дали и ние можеме така да ја доживееме таа лутена? Честопати не е воопшто лесно да се разбере што се крие зад одредена фрустрација на детето. А ако и ние се налутиме затоа што мислиме дека детето неоправдано се лути – е тогаш она што следува е неконтролиран судир“, објаснува психотерапевтот.
Затоа родителите треба да имаат поголема одговорност, а не само краткорочно да го решаваат проблемот. На пример, ако на детето му кажеме: „Срам да ти е! Оди во твојата соба!“, на тој начин краткорочно го менуваме неговото однесување. Но со што детето заминало во својата соба? Со чувство на срам, страв и повлеченост.
„Кога имаме луто и вознемирено дете, тие негови емоции преминуваат и на нас, а одговорноста за тоа како ќе се реши таа непријатна ситуација е наша. Секогаш треба да се обидуваме да го разбереме детето и неговите чувства, иако тие чувства ни изгледаат банални“, вели Кнежевиќ.
Холистички пристап: однесување – физиолошки реакции – мисли – чувства
Холистичкиот пристап го става поединецот во центарот на случувањата, вклучувајќи ги и неговото тело, ум (емоции и мисли) и неговиот дух. Психотерапевтот Кнежевиќ преку оваа слика прикажува едно цело дете, со голема комбинација на неговите чувства претставени во слоевит круг.
Во првиот круг е однесувањето на детето (повлеченост, агресивност, плашливост), во вториот круг се неговите физиолошките реакции (главоболка и повраќање), во третиот круг се неговите мисли (јас сум лошо дете) и во последниот се чувствата на детето (осаменост, разочараност, тага, страв).
Подучување
Мошне интересно е тоа дека зборот дисциплина, всушност, значи подучување на детето, учење.
„Ако не му помогнеме на детето и не го научиме што се случува во долните три круга од сликата погоре, тогаш не сме направиле ништо посебно, односно такво ќе биде и неговото однесување“, вели Кнежевиќ и додава дека одземањето на играчките на една недела не е во никаква корелација со промената на однесувањето. Таквите начини на дисциплинирање, според неа, не вклучуваат учење, како ни долгорочно менување на однесувањето на детето бидејќи одземањето на играчките или забраната за гледање цртани филмови не е реална последица.
Тука сум, те слушам, те разбирам, важно ми е што ти се случува
Мошне е важно да се знае дека мозокот на детето е составен од два дела – реактивен (долен и среден дел од мозокот) и рецептивен (перфронтален кортекс) и дека ние избираме кој дел од мозокот на детето го повикуваме на комуникација.
„Колку почесто успеваме да го активираме горниот дел од мозочето, толку детето полесно ќе успева да го активира и самото, кога не сме ние крај него. Важно е детето од нас да добие порака дека сме тука, дека го слушаме, дека го разбираме, дека ни е важно тоа што му се случува. Токму тоа е емпатично рефлектирање, односно примерно реагирање на родителите на детските емоции, што вклучува, односно подразбира:
– Уважување на неговите емоции
– Ни помага да го сфатиме детето
– Му помага на детето да сфати дека некој има разбирање за него
– Поради давање зборови на емоциите, детето развива самосвест, што е темел на емоционалната интелигенција
– Освестувајќи се за она што му се случува, детето полесно ќе управува со него.
Со други зборови, детето треба да почувствува дека го гледаме, дека го слушаме, дека го разбираме и дека ни е важно.
„На детето треба да му ја покажеме својата емпатија. Не е доволно само да го чувствуваме тоа бидејќи детето јасно треба да види дека ние сме тука за него, да го слушаме, да го чуеме и разбереме“, вели психотерапевтот.
Секако, додава таа, покажувањето емпатија не значи дека го одобруваме неговото однесување, ниту дека ќе го разгалиме, туку дека така детето полесно ќе ги прифати границите што му ги поставуваме.
Поставување граници во три чекори
1. Признавање на чувствата на детето – емпатично рефлектирање (Иван, гледам дека многу ја сакаш оваа играчка/Иван, знам дека сакаш веднаш да ја добиеш оваа играчка).
2. Комуницирање на границите (Но, играчките не се грабаат).
3. Насочување кон алтернативи (Можеш да побараш од Марко да ти ја позајми играчката или можеш да го земеш ова автомобилче додека Марко си игра со играчката – Важно е да се истакне нешто што е прифатливо за детето и што вообичаено го преферира).
Поставување граници при агресивно однесување
1. Комуницирање на границите и физичко запирање на однесувањето (Марко, Иван не е за удирање).
2. Признавање на чувствата на детето (Знам дека си му лут на Иван затоа што не ти ги дава играчките).
3. Комуницирање на границите (Но, Иван не е за удирање).
4. Насочување кон алтернативи (Можеш да почекаш додека тој заврши со таа играчка или можеш да одбереш да си играш со нешто друго).
Прво и основно што мора да се запамети е дека границите не се казна и затоа не треба да бидат кажани цврсто и јасно, туку смирено.
„За да се смири ситуацијата, барем еден организам мора да биде смирен и да му помогне на другиот да се смири. Гледајќи ги возрасните, детето учи како да издржи некоја фрустрација и како адекватно да ја искаже. Ако возрасната личност реагира бурно кога е лута, детето може да се исплаши и може да му се јави страв дека таа возрасна личност ќе престане да го сака, дека ќе го повреди или дека ќе го напушти, и поради тоа детето станува реактивно, наместо рецептивно“, објаснува психотерапевтот Кнежевиќ.
Некои од поважните стратегии за поставување граници
1. Ограничен број на зборови.
2. Прифаќање на емоциите на детето
3. Опишување на ситуацијата место држење „предавања“.
4. Вклучување на детето во дисциплинирањето.
5. Место многу „НЕ“, да се користи многу „ДА“.
6. Нагласување на позитивното.
7. Креативен пристап кон ситуацијата.
8. Поучување на детето на самоспознавање.
Зошто дисциплина без драма?
Кнежевиќ потенцира дека на децата им е потребна предвидлива, нежна, грижлива и сочувствителна дисциплина која овозможува да се чувствуваат сигурно, а чувството на сигурност води до опуштеност и до зголемување на капацитетот за свесно носење одлуки и прифаќање одговорност.
Кога на детето му е најтешко, тогаш најмногу му треба да го потсетиме дека го сакаме, дека го прифаќаме, да биде на сигурно и дека сме тука за да му помогнеме, односно кога децата се однесуваат најлошо, тогаш најмногу им треба нашата помош бидејќи самите не знаат поинаку.
Автор: Ана Шефчек