Мелоди Јаздани напиша писмо на „Фејсбук“ за да им укаже на родителите на проблемите при спиењето кај децата и на што треба да обрнат внимание. Неодамна на нејзиниот осумгодишен син Киан, поради апнеја во сонот, му бил дијагностициран АДХД (синдром на намалено внимание и хиперактивност).
– Сакам да ви кажам нешто, а веројатно никогаш не сте чуле за тоа. Добро погледнете ја фотографијата што ја објавив и прочитајте ја приказната – им се обрати Мелоди на родителите за да им објасни дека децата не би требало да дишат на устата при спиењето, ниту кога се будни.
До ова откритие дошла откако нејзиниот син имал проблеми дома и на училиште долги години, а бил тестиран и на АДХД. Сè додека еднаш не отишол на стоматолошки преглед каде што забележале дека има нешто чудно со неговите заби и стоматологот прашал дали Киан ноќе чкрипи со забите.
АДХД и нарушувањата во спиењето имаат исти симптоми
– Случајно прочитав еден напис кој ни го промени животот. Во написот се објаснуваше поврзаноста меѓу АДХД, нарушувањата во спиењето и дишењето преку уста. Секој збор во написот потсетуваше на Киан и тогаш го одведов на педијатар – вели Мелоди.
Како што наведува во писмото, таа дознала многу важни информации.
– Дишењето на уста не е нормално и има долгорочни последици врз здравјето. Кога детето дише на уста, мозокот и телото не добиваат доволно кислород. Ова намалено ниво на кислород во текот на ноќта влијае врз квалитетот на спиењето и врз способноста на мозокот да се одмори. Кога устата е отворена, јазикот не се одмора на правилното место. Со текот на времето тоа може да доведе до погрешен развој на горната вилица, туркање на вилицата нанапред, проблеми во говорот и неправилни заби. Долната вилица, која останува вдлабната, исто така може да ги затвори дишните патишта и да придонесе за развој на апнеа во сонот кај децата. Тогаш телото го буди детето, а тоа резултира со немирно спиење – објаснува таа.
Можеби најважниот наод за загрижената мајка бил фактот дека АДХД и нарушувањата во спиењето имаат исти симптоми. За среќа, по ова откритие Киан добил соодветен третман, па сега му се дијагностицирани апнеа и синузитис. Лекувањето сè уште е во почетна фаза, но мајката е уверена дека се на добар пат.
– Гледаме голема промена во однесувањето. Нема веќе испади на гнев, нема фиксации. Нема известувања за несоодветно однесување на училиште, неговиот апетит е многу подобар и повеќе не пребарува – продолжува таа.
Евалуација на спиењето пред да се дијагностицира АДХД
Неврологот В. Кристофер Винтер се согласува дека треба да се биде внимателен со дијагнозата АДХД.
– Сметам дека кај ниту едно дете не би требало да се дијагностицира АДХД без да се направи евалуација на спиењето. Во секој случај, тоа треба да се земе предвид. Сè што влијае врз детскиот сон може да предизвика сонливост следниот ден – објаснил Винтер за „Јаху стајл“.
Според него, децата не ја покажуваат сонливоста на ист начин како возрасните. Изгледаат како хиперактивни и прават работи за да го ублажат тоа чувство.
– Повеќето од нив се многу невнимателни и се однесуваат погрешно. Кога на детето ќе му се дијагностицира АДХД, често му се дава стимуланс како „адерал“, кој придонесува да се маскираат симптомите. Но не сте го решиле проблемот, туку само сте го прикриле – објаснил Винтер.