м-р Светлана Трнинкова, логопед

м-р Светлана Трнинкова, логопед

ООУ „Ванчо Прке“ – Штип тел: 075224315

Повеќе од авторот

Афазиијата е губење на веќе стекнат и формиран говор

Основните информации и сознанија за логопедските дијагнози дисфонија (промени на гласот) и дизартрија (спастичен говор, отежнат и неправилен говор поради грч, вкоченетост на артикулаторната мускулатура) се јавуваат како дополнителни испади при афазии (губиток или нарушување на јазичните функции, а до тоа доаѓа поради мозочно оштетување).
Афазиијата е губење на веќе стекнат и формиран говор. Настанува при повреда, траума на мозокот, било од механичка природа (паѓање, сообраќајни повреди…), епилептични напади или удар.
Афазиите се појавуваат и кај млади и кај возрасни.

Кога ќе се појави кај децата, доаѓа до нагло губење на говорот. Често афазијата е глобална, кога доаѓа до зафатеност на поголем дел од мозокот. Но утешно е тоа што кај децата може да дојде до побрзо и целосно добивање на говорот. Тоа не мора да е случај и кај возрасните.


Ниедна неволја не доаѓа сама. Така и афазиите со себе носат многу различни симптоми. За тоа е потребно да се пишува и да се знае зашто колку повеќе се запознаени луѓето, толку подобро ќе можат да им пристапат и да им помогнат на децата или на возрасни кои имаат афазии.
Еве една корисна информација: пред секаков третман на афазиите пациент што се соочува со нив треба да е во состојба да седи и преку вежби кои ќе им бидат покажани и на домашните да научи да голта и да џвака – прво кашеста и постепено потврда храна. Мора да му се покажат вежбите на родителот. Без покажување на која било логопедска вежба и на родителот или на блискиот за да помогне во рамките на своите можности и способности, нема успех.

Многу луѓе по прележан мозочен удар добро закрепнуваат, па за неколку недели закрепнува и нивниот говор. Од друга страна, многу луѓе по мозочен удар ќе продолжат да имаат тешкотии со говорот, јазикот и мисловните процеси. Ние како логопеди се фокусираме директно на говорот. Ова дава резултати, но ние имаме предвид и други функционални стратегии кои добро ќе дојдат по мозочниот удар.

Афазиите носат и дополнителни симптоми – дизартријата и дисфонијата. Тие се едни од најтешките последици од афазиите. Со одредени стратегии, блиските на засегнатите кои се грижат за нив треба да знаат дека ќе им се подобри говорниот статус до ниво на разбирање. Се изведуваат вежби за контрола на свесното дишење за да се зголемат интензитетот и јачината на дишењето, тоа да е подолго, со поголем капацитет, со цел да се произведе некаков шум или звук. Тој шум или звук на зарипнатост ќе се обидеме да го претвориме во говор. Треба и стручните лица и родителите со овие пациенти да користат кратки реченици и нагласување на важните зборчиња за разбирање на смислата на исказот. Корисно е и во домашни услови да се користат многу дидактички помагала.

Бучавата кога станува збор за афазични пациенти – деца, младинци или возрасни луѓе, треба да се отстрани или да се сведе на минимум.

Дизартријата е спазам, грчот на мимичната мускулатура, на јазикот и другите органи во говорот, а дисфонијата е зарипнат глас. Дисфoнијата се јавува како резултат на парализа на нервот и гранките на nervus glosopharingikus и на гласните жици plice vokalis.

За подобрување на квалитетот на животот на овие пациенти, многу големо значење има користењето на асистивната технологија. Од големо значење се и вежби за релаксација на мускулите на врат, на лице и на граден кош. Важни се и вежбите за дишење. Како компензаторна стратегија е и цртањето. Важна е и гестовната и визуелната поддршка преку табли со азбуката и модерна технологија и соодветни програми.



912

X