Дијабетесот е хронично метаболичко нарушување кое доведува до покачени нивоа на шеќер во крвта поради недоволно лачење на инсулин или прекумерна отпорност на инсулин.

Во поголемиот дел од Европа, кај децата и адолесцентите е доминантен дијабетесот тип 1, а тој се појавува поради неможноста на панкреасот да лачи доволно количество инсулин, додека во високо развиените земји (главно САД) доминантен е дијабетесот тип 2, кој е поврзан со дебелината и нездравата исхрана и значи дека телото станало отпорно на инсулин.

Токму дијабетесот тип 2 станува вистинско зло на модерното време бидејќи децата се неактивни, јадат нездрава храна и голем дел од нив имаат проблеми со дебелината уште од мали нозе. Иако кај нас овој тип дијабетес не е вообичаен, со оглед на зголемениот број дебели деца, постои опасност овие бројки во иднина значително да се променат. Кај овие пациенти ризиците од кардиоваскуларни проблеми се поголеми, а децата на кои им е дијагностициран дијабетес тип 2 на сѐ порана возраст се соочуваат со проблеми со метаболизмот на мастите и висок крвен притисок.

Што е уште полошо, болеста станува сѐ почеста кај децата до 5 години.

Како да препознаете дека детето има дијабетес?

Најчестите симптоми што може да укажуваат на дијабетес се необјаснета и прекумерна жед, како и честото мокрење. Може да има и промена на апетитот, додека некои деца постојано чувствуваат глад, а истовремено губат тежина.

Дијагностицирањето на дијабетес кај децата, особено тип 1, е прилично едноставно. Наутро се мери нивото на шеќер во крвта на детето на празен стомак и по оброк, и се проверува нивото на гликоза во урината. Кога постои сомневање за дијабетес, децата веднаш се тестираат за некои од најчестите автоимуни болести кои се појавуваат заедно со дијабетесот, а најчести од нив се целијачна болест и тироидитис.

Лекување на дијабетесот

Третманот за дијабетес тип 1 главно е инсулинот, односно со инсулинска терапија приспособена на индивидуалните потреби на детето, во зависност од возраста, тежината и најчесто помеѓу четири и осум инсулински инјекции дневно.

Редовното мерење на гликозата во крвта е многу важно, а покрај контролата на инсулинот и шеќерот, од големо значење се физичката активност и правилната исхрана. Додека физичката активност му помага на телото успешно да се бори против ризик-факторите кои се чест несакан ефект на дијабетесот, исхраната е директно поврзана со нивото на гликоза и во никој случај не е занемарлива.

Дијабетесот тип 2 на прво место ги става позитивните ефекти од редуцираната диета и редовната физичка активност, а се користат и лекови за намалување на шеќерот. Доколку ситуацијата не се подобри, тогаш се користи инсулин.

Последици од дијабетесот врз телото

Зголеменото ниво на гликоза во крвта може да има одредени долгорочни и краткорочни последици, особено врз телото на децата. Краткорочни последици се често мокрење и жед и слабеење, додека долгорочни последици се одредени хронични состојби како што се оштетени крвни садови, како и оштетување на видот, нервниот систем и функцијата на бубрезите.

Извор



912

X