Оваа појава не е клиничка дијагноза, туку опис на реални однесувања кои педијатрите и логопедите сè почесто ги забележуваат кај децата на возраст меѓу првата и четвртата година. Што, всушност, е дигиталниот аутизам?
Дигитален аутизам (екранизам) е назив за група симптоми кои личат на аутизам, но не потекнуваат од невролошко нарушување, туку од опкружувањето во кое детето поминува премногу време пред екраните. Кога е присутен дигиталниот (или виртуелниот) аутизам, детето се повлекува од односите и секојдневните интеракции. Неговиот мозок е навикнат на брза и интензивна стимулација од екранот, а не на природниот, бавен ритам на човечкиот контакт, говорот, играта и допирот. Тоа создава развоен дисбаланс кој детето не може само да го поправи и за кој не е виновно.
Како се манифестира дигиталниот аутизам?
Детето што развива вакви обрасци на однесување често го избегнува контактот со очи, слабо реагира кога ќе го повикате по име и тешко воспоставува контакт со луѓето. Симптомот кој најчесто се гледа е кога децата се мирни само кога екранот им е в раце, а без него се раздразливи, нетрпеливи и неспособни да се смират.
Друг чест симптом е кога децата изгледаат како да живеат во свој свет. Тие не се срамежливи по природа, туку едноставно не бараат внимание, не иницираат комуникација и не носат играчки за да ја споделат радоста со возрасните. Емоционалната топлина изостанува, додека фрустрацијата брзо расте. Сето ова заедно создава слика која може да ги исплаши родителите бидејќи потсетува на раните знаци на аутизам, но всушност е последица на дигитално преоптоварување.
Зошто се јавува?
Дигиталниот аутизам се јавува бидејќи детскиот мозок не е подготвен за брзината и интензитетот на визуелните дразби што ги создаваат екраните. Наместо да учи од живиот свет, детето учи од светлечка површина која му сервира содржина без пауза, принудувајќи го на еднонасочна комуникација. Детето не прозборува затоа што нема потреба – сè добива со неколку кликови. Не му е потребно да гради толеранција на фрустрација кога нешто не смее или не може да добие бидејќи екранот само му дава, а не бара ништо за возврат.
Вината не е само кај родителите. Апликациите се направени да го задржат вниманието што подолго, родителите работат под огромен притисок, а општеството го нормализира дигиталното детство.
Сепак, одговорноста за промена на состојбата е во рацете на возрасните. Не можеме да очекуваме дека таблетот ќе преземе одговорност за тоа што детето не зборува. Ниту еден родител не е совршен и решението не е во обвинувањето на себеси или на партнерот. Исто така, решението не е ни во игнорирање на проблемот поради срам или страв од осуда.
Поглед кон иднината
Вината, стравот и бесот се природни реакции, но не дозволувајте тие да ве парализираат. Наместо тоа, препознајте ги како сигнал дека ви е потребна поддршка.
За утеха, имајте на ум една важна работа: колку и да изгледа тешка ситуацијата во моментот, знајте дека кога времето пред екраните постепено ќе се намали, а времето поминато во квалитетна игра и разговор ќе се зголеми, детскиот мозок ќе се врати во својот природен развоен тек и ќе продолжи да се развива во здрава насока.