Американскиот актер Џорџ Клуни неодамна гостуваше во поткастот за Марк Марон каде што се потсети на моментот кога тој и неговата сопруга Амал дознаа дека очекуваат близнаци.
Да разјаснам некои работи, не сакав да се оженам, а камоли да имам деца. И тогаш таа неверојатна личност влезе во мојот живот и ја изгубив главата по неа. Уште од првиот момент знаев дека сѐ ќе биде поинаку – ја започна приказната Клуни и додаде:
– Никогаш не сонував дека ќе имам близнаци. Беше момент за паметење. Бевме кај докторот, а тој ја стави ултразвучната слика пред нас и рече: „Прекрасно, има едно момче овде“, а јас бев воодушевен што ќе имам син. А потоа рече: „Има и едно девојче“. Бев шокиран иако знаев дека сестрата на Амал има близнаци. Едвај бев подготвен за едно дете, но денес не жалам за тоа. Фала му на Бога што се имавме за време на оваа пандемија – раскажува Клуни.
Актерот се присети и на моментот кога неговата сопруга Амал и тој почнале да размислуваат за создавање семејство.
– Бевме во брак околу една година и се сеќавам дека една вечер бевме со пријатели кои имаа деца, многу гласни деца. Јас и Амал отидовме на прошетка и почнавме да разговараме. И двајцата си признавме дека сме среќни и дека се сакаме. А потоа таа додаде дека треба нашата љубов и среќа да ја поделиме со уште некој – вели Клуни и додава дека за тоа размислувал цела една минута.
– Тогаш само реков: „Ако си за, можеме да се обидеме.“ Морам да признаам дека целата ситуација беше емотивна бидејќи бев убеден дека никогаш нема да имам деца и веќе се помирив со таа одлука.
Холивудскиот заводник раскажува за неговите деца:
– Тие веќе имаат свој став, многу се смешни и постојано се шегуваат – вели Клуни, а потоа открил што прави четиригодишниот Александар секое утро.
– Секое утро, точно во осум часот, Александар тропа на вратата. Јас прашувам кој е, а тој вели: „Тоа сум јас, Александар Клуни“. Потоа ја отворам вратата за да може да истрча во мојата соба најбрзо што може додека се смее. Тие двајца навистина ме прават среќен – вели Клуни.
912