Џенифер Гарнер, која има три деца со Бен Афлек, за „Фокс њуз“ изјави дека ја плашат социјалните мрежи и е решена да ги задржи своите деца подалеку од нив.
– Моите деца сè уште немаат профили на социјалните мрежи. И јас сум преплашена. Мислам дека тоа им прави преголем притисок на децата кои се на возраст кога се навистина ранливи. Веројатно сум премногу заштитнички настроена – признава актерката.
Улогата на Гарнер како родител ја принудила да ја прифати улогата на Рајли Норт во „Пеперминт“, млада мајка која бара одмазда откако нејзините непријатели ги застрелале пред неа нејзиниот сопруг и детето.
– Мислам дека не можете да ја игнорирате моќта на длабоките мајчини чувства. И не мора да бидеш мајка за да го разбереш тоа – вели таа.
Сепак, подготвувањето да се трансформира во одмаздничка било полесно да се каже отколку да се направи.
– Различно е да бидеш во борбена форма и обична жена што се обидува да биде во добра форма. Тоа беше сосема друго ниво и беше многу интензивно. Среќа што моите деца беа на училиште, па си реков: „Добро, ќе посветам еден час на ова, ќе посветам неколку часа“ – раскажува Гарнер.
Овие денови Гарнер води сосема поинаква битка, кон крајот на август Афлек по третпат се пријави на рехабилитација, па може да се објасни зошто е загрижена нејзините деца да користат социјални мрежи.
Гарнер и Афлек се разделија во 2015 година, по 10 години брак.