Здравје

Дежурните педијатриски пунктови за викенд ќе работат 24 часа. Ќе се прегледуваат деца со симптоми на морбили

Децата може да се носат во трите пункта во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит- пазар“ и „Ѓорче Петров“ во Скопје

Поради зголемениот број пациенти заболени од морбили, на три пункта во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит- пазар“ и „Ѓорче Петров“ има дежурни лекари секој работен ден од 19:30 часот до 7:30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот, информираат од Министерството за здравство.

Во работните денови родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
– Апелираме до сите родители што ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пункта. Досега на Клиниката за детски болести се евидентирани 8 заболени вработени кои претходно биле вакцинирани против морбили и четири деца пациенти – велат од Министерството.
Потсетуваат дека останува во сила забраната за посета на градинките од деца што не се вакцинирани со МРП-вакцината.

– Децата од училишна возраст задолжително да се вакцинираат ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП. Сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус, да го направат тоа во најбрз рок – велат од Министерството.
Оттаму повторуваат дека станува збор за многу сериозно заболување кое предизвикува сериозни здравствени компликации. Болеста се пренесува од заразено лице на друго лице со кашлање, кивање и по капков пат.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top