Веќе некое време мајките во онлајн групите го поставуваат прашањето за менструацијата на девојчињата – дали тие добиваат менструација порано или се работи за изолирани случаи. Многу мајки се сеќаваат кога првпат се сретнале со овој не толку едноставен феномен во периодот на пубертетот, па се прашуваат дали е можно спомените да се малку поинакви и дали е всушност исто како порано.
Сепак, се чини дека не е, а тоа го потврдува и една нова студија. Имено, студијата е објавена во отвореното медицинско онлајн списание „ЈАМА нетворк опен“, а резултатите покажале дека мислењата и сомнежите се оправдани. Студијата опфатила повеќе од 71.000 девојки и жени кои ги споделиле своите податоци за следење на циклусот од нивните апликации, што исто така довело до сознание дека во последните 55 години на девојките им треба повеќе време за да постигнат „редовност“, т.е. генерално редовен циклус од месец до месец.
Бидејќи пораното започнување на циклусите и подолгите нередовни периоди може да бидат поврзани со здравствени ризици подоцна во животот, експертите се загрижени. Меѓу учесниците што пријавиле регуларност на нивните циклуси процентот на оние чии циклуси станале редовни во рок од две години од почетокот на менструацијата се намалил од 76% на 56%.
Пред 9-тата година…
Истражувачите откриле дека просечната возраст на првиот менструален циклус на учесниците се намалила од 12,5 години, што било вообичаено за оние родени од 1950 до 1969 година, на 11,9 години за оние родени од 2000 година до 2005 година. Се чини дека промената е мала, но сепак е многу значајна. Покрај тоа, авторите на студијата откриле двојно зголемување на девојчињата што имаат менструација „рано“ (пред 11-годишна возраст) или „многу рано“ (пред 9-годишна возраст), што предизвикува загриженост дека повеќе девојчиња и жени може да имаат неповолни здравствени исходи поврзани со раната прва менструација. Тие, исто така, забележале намалување кај оние што добиле менструација подоцна.
Но, најголемиот проблем е што раниот почеток на менструацијата на млада возраст може да има негативни здравствени последици на долг рок.
-Откривме дека кај децата е потребен подолг период за да добијат редовна менструација. Ова е исто така многу загрижувачко бидејќи неправилните циклуси се важен показател за негативни здравствени настани подоцна во животот. Тоа нѐ загрижува. Треба да посветиме повеќе внимание на раното советување и да интервенираме кога се појавуваат нередовни циклуси кај децата и адолесцентите – вели Зифан Ванг, главен автор на студијата и постдокторски истражувачки соработник на Школата за јавно здравје при „Харвард“.
Менструалниот циклус се смета за важен индикатор, а нередовните менструални циклуси во подолг временски период може да укажуваат на долгорочни здравствени ризици, на пр., кардиоваскуларни болести, дијабетес, ревматоиден артритис, ментални состојби и одредени видови рак, вклучително и рак на дојка. Неправилните циклуси се поврзани со предменструален синдром (ПМС), а претходните студии откриле дека ПМС е исто така значаен ризик-фактор за постпородилна депресија (ППД).
Подолгото време за стабилизација на циклусот е поврзано и со поголема шанса за неправилни циклуси во текот на остатокот од репродуктивните години, што може да биде важен фактор кога станува збор за плодноста. Исто така, постои корелација помеѓу девојчињата кои рано минуваат низ пубертетот и зголемениот ризик од сексуална злоупотреба, што е важно да се знае.
Зошто менструацијата започнува порано?
Ова е прашањето што си го поставуваат многу мајки, а факторите што придонесуваат за тоа се различни. Авторите на студијата посочуваат на повисок индекс на телесна маса (БМИ), кој може да биде еден од факторите, заедно со раното започнување на пубертетот, но тоа не е единствената причина. Имено, авторите забележале дека возраста на првата менструација се намалила уште пред населението да ја зголеми стапката на дебелина. Наместо тоа, д-р Хотон тврди дека тоа би можело да биде поврзано со стресот.
-Многу е веројатно дека БМИ и стресот имаат интеракција за да го забрзаат намалувањето на возраста при менструацијата и да го продолжат стабилизирањето на циклусот. Мојата работна хипотеза е дека повеќе стрес ги зголемува андрогените, а повеќе масно ткиво го претвора вишокот андрогени во естрогени, што доведува до поран пубертет.
Социо-економските и еколошките фактори, исто така, може да бидат во игра, велат експертите, вклучително и изложеноста на хемикалии кои го нарушуваат ендокриниот систем. Јасно е дека се потребни повеќе истражувања за да се истражат факторите што стојат зад почетокот на менструацијата. Во секој случај, она што е сигурно е дека треба што поскоро да почнеме да зборуваме за доаѓањето на првиот циклус и сѐ што тоа повлекува, за нашите девојки да не бидат збунети и неинформирани кога ќе се случи.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912