Пред 4 години на бабата и дедото на малечката Дејзи Ват (10) од Велика Британија им бил дијагностициран канцер, па девојчето одлучило да им нацрта слика.
Нејзината мајка Карен (50) забележала дека девојчето има вистински талент, а досега со својата работа девојчето заработило вкупно 50 илјади фунти. Но, великодушната Дејзи сето тоа го подарила во добротворни цели. Нејзиното прво дело било на платно за локална галерија, кое било продадено на аукција за две добротворни цели за болните од рак.
Нејзината мајка, учителката во основното училиште и татко ѝ Чарли (50) се многу горди на сето она што го направила Дејзи.
– Почна да се занимава со уметност откако научи да држи четкичка. Но, во последните неколку години нејзината работа навистина им го привлече вниманието на луѓето. Иако секогаш била креативна, кога ја создавала сликата за дедо си и баба си сфативме дека има нешто посебно – изјавила Карен.
Дејзи насликала сцена во градина за да го прикаже дедо ѝ Артур, кој починал пред 4 години, а тогаш имал 75 години. На баба ѝ Поли (89) во исто време ѝ бил дијагностициран рак на грлото на матката.
фото: SWNS
Со собраните пари малечкото девојче им помогнало на две добротворни здруженија за борба против ракот – „Фајрфлај“ и „Канцер рисрч“. Сликата со градината се продала пред 3 години за 9.500 фунти, на аукција која ги заинтересирала купувачите од Канада и Хонг Конг. Девојчето слика секој ден.
– Отсекогаш сме имале многу цвеќиња во градината бидејќи живееме на село, така што веројатно тоа ја инспирира – објаснила мајката, која дипломирала ликовна уметност, но тврди дека нејзината ќерка е подобра од неа. „Еднаш седевме и сликавме лалиња и јас ја молев за помош. Таа веднаш пронајде решение. Кај неа тоа е природно. Лалето беше прекрасно“, вели Карен и додава дека од малечка црта цвеќиња бидејќи тоа за неа ги претставува луѓето што се лекуваат од рак.
фото: SWNS
За време на карантинот таа нацртала и виножито од малечки маргаритки, како знак за почит за работниците во првите борбени линии против коронавирусот. Собрала речиси 1.700 фунти од магнети и картички со овој дизајн за Националниот здравствен сервис.
И покрај сите постигнувања, Карен вели дека Дејзи е многу скромна и прилично срамежлива за својата работа.
фото: Lee McLean/SWNS
– Кога им кажувам на луѓето и тие ѝ даваат комплименти, таа секогаш прашува: Мамо, зошто си морала да им кажеш? Привлекува внимание и не може да сфати зошто сите толку се возбудуваат. Се надевам дека еден ден ќе сфати оти тоа што го прави е посебно. Секој цент што го заработува оди во добротворни цели, а тоа прави голема, голема разлика во животите на луѓето – вели мајката на Дејзи.
Автор: Лора Абернети