Трогателен разговор помеѓу татко и неговата шестгодишна ќерка, кој ја истакнува важноста на самодовербата, брзо стана вирален на „Тик-ток“, собирајќи речиси 300.000 прегледи. Во видеото, 62-годишниот Дејвид Дејвис ја учи својата ќерка Серена како да се справи со негативните коментари, а нивниот искрен и топол разговор привлече големо внимание.
Лекција за самодоверба
Видеото е објавено со натпис: „Воспитуваш ќерка која доволно се сака себеси за да знае како да се оддалечи од негативноста“. Во видеото таткото ја прашува Серена како би реагирала ако некој ѝ каже дека не му се допаѓа нејзината облека. Без размислување девојчето одговара: „Во ред е, не го носам ова за тебе. Го носам за себе“.
Кога ја прашал што би рекла ако некој едноставно ѝ каже: „Не ми се допаѓаш“, Серена самоуверено одговорила: „Во ред е, се сакам себеси“.
Сепак, Серена не секогаш имала таква самодоверба. Девојчето од англиско-филипинско потекло било подложено на малтретирање и исмејување од врсници поради својот изглед.
-Се соочуваше со неволји уште од многу мала возраст. Кога беше во градинка, едно дете фрли играчка кон неа затоа што имала „коси очи“. Ваквите коментари оставија трага. Серена стана повлечена, несигурна, па дури и се плашеше од сопствениот одраз – изјавил таткото.
Враќање на самодовербата
Дејвис, татко на три деца од Бејзингстоук, Англија, рекол дека ја научил својата ќерка и на важноста на простувањето. Откако го сменила училиштето, Серена постепено почнала да си ја враќа самодовербата, а разговорите за љубов кон себе што ги водела со својот татко биле особено корисни.
-Кога првпат почнав да разговарам со неа за овие работи, таа слушаше, но беше обесхрабрена затоа што мораше да се справува со малтретирање речиси секој ден во нејзиното старо училиште. Сега таа одговара сама – ние повеќе не ја подучуваме. Што и да ѝ кажам, таа одговара природно и спонтано. Не ја подготвуваме што да каже. Нејзините одговори ме прават многу горд – рекол таткото.
@daviesdailydiaries We’re not raising a perfect child — we’re raising a confident one.#daddysgirl #raisingconfidentchildren #selfworthstartsyoung ♬ original sound – daviesdailydiaries
Позитивни реакции и целта на таткото
Видеото собрало повеќе од 17.000 лајкови и многу позитивни коментари. „Одлични родителски вештини“, напишал еден корисник.
Дејвис, исто така, ја објаснил целта на овие разговори.
-Сакам да ѝ покажам дека светот понекогаш не е фер. Имам јасен морален компас и сакам и таа да развие таков. Овие разговори треба да ја научат на почитување, разбирање и прифаќање на разликите, бидејќи не се сите луѓе исти. Свесно се обидувам да бидам најдобриот татко. Животот носи предизвици и сакам да бидам сигурен дека мојата ќерка ќе знае како да се справи со нив – заклучил таткото.