Нејзината мајка Александра вели дека поради навиките и начинот на живот кај децата, кои поголемиот дел од денот го поминуваат пред компјутер, решиле таа да спортува уште од малечка. Успесите на Надја почнале да се нижат многу брзо. Уште на нејзиниот прв натпревар во 2018 година, на 6-годишна возраст, во категорија помлади пионерки во А-програма, Надја го освоила третото место на државен натпревар

Колку родители размислуваат на своите деца од мали да им всадат навики за спортување? Активното занимавање со спорт бара многу голема жртва и од децата и од родителите, но многумина од родителите, особено оние што веќе имаат вакво искуство, велат дека тоа е од исклучителна важност за развојот на најмалите. Дополнителен успех е кога талентот и упорноста ќе се преточат во успеси во и надвор од земјата.
Таков пример е Надја Трпевска, која сега има девет години, а со гимнастика почнала да се занимава од нејзината петта година.
Нејзината мајка Александра вели дека поради денешните навики и начин на живот кај децата, кои поголемиот дел од денот го поминуваат дома пред компјутери, решиле таа да спортува уште од малечка.

Надја со мајка си Александра

– Седењето пред компјутер и разни електронски уреди придонесува до разни видови деформитети на телото кај децата. Затоа како родители решивме уште од најмала возраст да ја пратиме да спортува, со цел да ги избегне тие навики и да има правилен раст и развој – посочува мајка ѝ Александра.

Важен е интересот за спорт кај детето

Секако, одлуката не сакале да ја донесат само во согласност со нивните желби, туку чекале и таа самата да пројави иницијатива за одреден спорт.
Татко ѝ е љубител на спортот и секојдневно рекреативно поминува неколку часа во фитнес-сала.

– Сакавме да ја пратиме на спорт каде што ќе стекнува дисциплина, навики и ќе се развива правилно. Знаејќи дека е многу мала, решивме да ја пратиме на некој базичен спорт кој ќе биде соодветен за нејзината возраст. Како мала, живеев во близина на салата за гимнастика Партизан Орце Николов-Скопје, каде што го поминував времето и имам убави спомени оттогаш. Така, одлуката падна на гимнастиката – раскажува Александра.
Таа вели дека одлуката не ѝ била наметната на малата Надја зашто често на социјалната мрежа „Јутјуб“ знаела да гледа видеа со натпревари на познати светски гимнастичарки.

– Иако многу мала, често знаеше да се воодушевува на видеата кога гимнастичарки изведуваа разни движења. Дури и таа се обидуваше да направи нешто од тоа. Почнуваше сама да се врти, да прави шпага и слично – низ смеа вели Александра.

Талентот и упорното вежбање даваат резултати

Но, успесите на Надја почнале да се нижат многу брзо. Талентот и нејзината истрајност во вежбањето биле пресудни за тоа.
Мајка ѝ вели дека уште на нејзиниот прв натпревар во 2018 година, на шестгодишна возраст, во категорија помлади пионерки во А-програма, Надја како најмлад натпреварувач го освоила третото место на државен натпревар.

– Потоа, следната 2019 година, во помлади пионерки во А-програма го освои второто место, учествуваше на Меѓународен натпревар во Благоевград, Бугарија, каде што од 25 натпреварувачки го освои 5. место. Тоа беше одличен резултат за нејзиното прво појавување на меѓународен натпревар. На Меѓународниот натпревар во Самобор, Хрватска, го има и најдобриот резултат, освојувајќи го третото место од 30 натпреварувачи – објаснува Александра.

Лани не учествувала на натпревари поради пандемијата.
Оваа година на државниот натпревар го освои првото место во А-програма помлади пионерки.

Последниот нејзин успех е државното првенство што се одржа во Битола на 19 јуни 2021 година, каде што го освои првото место во категорија помлади пионерки во А-програма – додава мајката на Надја.

Мотив ѝ е успехот на светските спортисти

Александра раскажува дека оваа година клубот на Надја бил поканет на подготовки во националната сала „Раковски“ во Софија од страна на Бугарската гимнастичка федерација, поточно од Јордан Јовчев, легендата во спортска гимнастика, кој има учествувано на шест Олимпијади и е освојувач на златни медали.

– Надја беше пресреќна. Се врати со многу импресии. Тоа уште повеќе ѝ го зголеми еланот за вежбање. Секое дете што сака да успее во спортот, мора да се откаже од многу работи што ги прават нејзините врсници кои не се занимаваат со спорт или само се рекреираат. Меѓутоа, желбата кај Надја е преголема, тоа ја исполнува, ја прави задоволна и ние како родители ја поддржуваме – вели Александра.

Гимнастиката е заборавена од државата

Според неа, гимнастиката, како еден од најважните спортови за правилен раст и развој на децата и како еден од базичните спортови во нашата држава, е препуштена сама на себе. Вели дека преку гимнастиката децата се учат на дисциплина, ги развиваат сите моторички способности (флексибилност, сила, брзина, координација), се социјализираат, се здобиваат со самодоверба и најважно – се забавуваат.

– Неправедно е атлетиката, како еден од најстарите спортови, спорт кој важи за базичен, да биде оставена сама на себе, без никаква помош од државата или од градот. Доволно е само да се видат салите во кои нашите деца секојдневно тренираат. Но, благодарна сум му на тренерот Петар Стојановски, кој и покрај сите тешкотии, успева да ги мотивира и да се вложи во нашите деца за што подобри резултати – заклучува таа.

Надја со тренерот


912

X