Најлошото нешто со денешните деца е тоа што се лишени од светот што ние некогаш го имавме. Нашите деца немаат ништо што имавме ние.

Начинот на кој го поминуваат слободното време кажува многу за нас, за нив и за општеството во кое живееме. Во отсуство на други занимации, ние барем читавме. Нашите деца не читаат. Што прават? Главно ништо. Седат, блеат, зјапаат во телефоните, играат игри. Игри?

Какви се тие игри што се играат само со палците? Во дамнешни времиња нашите игри се играа со цело тело. Нашите деца денес едвај знаат да трчаат. Имаат рамни стапала и криви нозе. Нашите деца не се качуваат по дрвја, не скокаат по огради, не играат ластик, не играат криенка, не прескокнуваат јажиња – ништо. Рацете на нашите деца секогаш се чисти. Не мирисаат на синџирот од рингишпилот, немаат кал под ноктите. Нашите деца бројат лајкови, хаштагираат, прават „син“. Жал ми е за нашите деца.

Детството не е и не треба да биде само лајк. Детството е кога стануваш наутро и не знаеш што прво да направиш. Дали да го гледаш „Опстанок“ или да излезеш од дома? Дали прво да возиш велосипед или ролшуи? Дали да се лулаш на лулашка или на рингишпил додека не ти се слоши?

Детството е кога одиш кај баба и дедо. Детството е село. И гнездо под олукот. Сено зад куќа. И вистинско, свежо млеко. Јаболко што има прекрасен мирис. Жежок леб. Детството скокање по вирчиња. Капење во корито. Лежење на тревата. Риболов. Детството се куклите. И шумските јагоди. И џем, вистински џем од сливи.

Немам години. И не сум стара. Можеби старомодна. Можеби заостаната. Можеби не сум во чекор со времето, ама навистина ми недостига тоа време. Време кога децата беа деца. Време пред „ајфон“, „ајпад“, интернет и други чуда.

Време кога беше кул ако имаше автомобил играчка на батерии или барбика. Време кога на нашите родени родители не им се обраќавме со „брат“. Време кога на децата не им стававме мобилни в раце за да се занимаваат со нешто. Време кога не ги запишувавме децата на странски јазици пред да почнат да го зборуваат својот јазик. Време на касети. Време кога сами си ги местевме креветите. Сами се грижевме за домашните работи. Време кога се држевме за рака во редица. Имавме вистински час по физичко образование. Кога си пишувавме во споменарите. Кога трчавме на голем одмор. Испотени, задишани. Кога пишувавме со раце и пенкало. Кога во домовите имаше само еден телевизор. Време кога можеше да вратиш назад со притискање на копче.

Немам проблем со ова денес. Се снаоѓам. Пливам како што знам и умеам. Го живеам моето лично реално шоу. Имам доволно години за да знам што да изберам. Знам што ми се допаѓа, а што не. Имам и спомени. Убави. Прекрасни. Вредни. Имам пријатели.

Нашите деца наместо пријатели, имаат следбеници. Стотици, илјадници. Нашите деца „четуваат“ наместо да зборуваат. Лајкнуваат наместо да сакаат. „Шернуваат“ наместо да делат. Што ќе помнат? Какви спомени ќе имаат? Кој мирис ќе им остане во сеќавање? За што ќе им раскажуваат на своите деца еден ден? Деца кои никогаш не набрале јаболко и не погалиле ждребе, ниту пак газеле по замрзнатиот поток, и не јаделе снег.

Во време на евтина забава и занемарување на содржините, времето во кое нашите мозоци се наполнети со лесни теми, лесни четива и лесна музика, ова време наредната година, не можам ни да замислам што ќе бидеме.

Автор: Даниела Баќиќ
Извор



912

X