Сакале-нејќеле, мораме да признаеме дека поголемиот број од денешните деца се разгалени, неодговорни и мрзливи. Главна преокупација им е како да дојдат до мобилниот или компјутерот за да играат видеоигри, а и како да натераат некој од возрасните да им купи уште една играчка која подоцна ќе заврши на купот.
Одговорностите и обврските на децата денес се сведени на минимум зашто тие се мали и треба безгрижно да си играат. Секако дека на децата треба да им се даде слобода, но денес, според моето мислење, тоа отиде предалеку. Кога ќе им се каже да ги соберат играчките, кои ги расфрлале насекаде, се јавува рафал од незадоволство и противење (зошто само тие треба да средуваат?).
Се сеќавам дека кога имав 8 години сама одев по брат ми во градинка и го топлев ручекот. Моите родители работеа и немаше дневен престој или работилница. Морав да се грижам за сè што тие не можеа. Денес за такво нешто социјалната служба веднаш би ви тропнала на врата.

Всушност, тоа беа некои други времиња. Го познавав секој сосед во зградата и секогаш некој од нив навраќаше да провери дали е сè во ред. Денес не знам ни кој живее во станот до мене. Во тоа време сите од улицата се познаваа и меѓусебно си помагаа. Секогаш имаше некој надвор да внимава на децата додека си играа или на пр., да помогне во редење дрва во дрварницата. За такво нешто сега мора да му платите на некој и да се надевате дека нема да го злоупотреби вашето дете.
Но, сепак, тоа не е изговор за сè полошото воспитување на децата. Поради растргнатоста меѓу обврските, родителите поминуваат сè помалку време со децата, а сè повеќе им купуваат и им попуштаат за тие да бидат среќни.
Ве прашувам, дали баш ни се потребни школите по пливање, трчање или возење велосипед? Присетете се само на времето кога учевте некоја од наведените вештини. Нели ви се тие едни од најубавите моменти во животот на кои со радост се сеќавате? Верувам дека ви се зашто своите успеси сте ги споделиле со своите најмили личности – родителите.
Доволно е да одвоите од 10 до 15 минути дневно за да поминете квалитетно време со детето. Под тоа не се подразбира возењето на разни активности или гледањето телевизија, туку читање, раскажување приказни и сл. Децата знаат да го ценат тоа.

На децата им се потребни и одговорности. Ставањето чинии во машината или алишта во пералницата и не е нешто што некое прваче не би можело само да го направи. А колку од нив го прават тоа? Баш преку вакви одговорности им ја зголемуваме самодовербата, ги учиме да го ценат туѓиот труд, а и си ги олеснуваме домашните работи.

Автор  Ива Брчиќ



912

X