Ова е петта сезона како не работи
Коронавирусот не е причината поради која култното детско одморалиште „Пелистер“ на Баба Планина самува без деца и оваа летна сезона. Уште пред да фати вирусот домот ја имаше спуштено рампата за нови детски авантури. Ова е петта сезона како не работи. Откако претходната власт не успеа да го продаде, а сегашната не го реновира, одморалиштето остана да биде нем споменик на прекрасните детски летувања во социјализмот, слични на оние од романот „Втората смена“ на Велко Неделковски, кој своевремено беше и екранизиран.

И денес се сеќаваат на втората смена
– Тепачка беше да се запишете во втора смена, не поради серијата, туку затоа што почнуваше на почетокот од јули, кога времето се затоплуваше, а подоцна на децата им остануваше време да одат на одмор со родителите покрај езеро или море. Беше дозволено да се летува од прво до осмо одделение. Се осамостојувавме, ја јакневме крвната слика и што е најважно – се вљубувавме во планината, во природата – раскажува Сања Митревска, некогашен летувалец, а денес планинар и економист од Битола.
Разочарувачки е моменталниот изглед на одморалиштето не само за оние што некогаш тука го минуваа детството туку и за други, кои не можат да сфатат како е можно да се распаѓа ваков објект. Само цртежите насликани на ѕидовите кажуваа дека ова некогаш било весело детско собиралиште. Денес ѕидовите се распаѓаат, малтерот од балконите се рони. Не успеавме да влеземе внатре, вратата беше заклучена. Пред влезот за спомен останаа прикачени детски литературни творби, а низ стаклото внатре се гледаше старата телефонска говорница на која низ годините летувалците разговараа со родителите. Салата за игранки, каде што многу генерации од цела Македонија ги имаа првите симпатии и го заиграа првото танго, денес е со скршени прозорци, раскопан паркет, уништен мебел.
И странците се чудат како е можно да пропаѓа вакво одморалиште
Моменталната ситуација на одморалиштето ги револтира и туристичките работници. Горан Пинза, лиценциран туристички водич од Битола, иницијатор на здружението „Дојди, види, уживај“, кое има цел да организира едукативно-рекреативни екскурзии на Пелистер, вели дека тоа што во најстариот национален парк во некогашна Југославија не постои ни еден комерцијален сместувачки капацитет (со исклучок на хотел „Молика“) со повеќе од 40 легла е работа што не може да им се објасни на странците.

– И додека во фокусот на јавноста сѐ уште е изгорениот планинарски дом „Копанки“, никој или ретко кој го споменува Детското одморалиште, објект со повеќе од 300 легла, на надморска висина од 1.200 метри, со спортски терени во близина… И денес граѓаните се прашуваат зошто одморалиштето е под клуч. Свежи се сеќавањата и на предизборните ветувања и спотовите дека домот ќе биде реновиран и отворен… Но како и за милион други ветувања поврзани со Битола и регионот во последните 30 години, и ова не се оствари, ниту постои каква било информација дека тоа ќе се случи – вели Пинза.
Објектот е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика. За време на претходната власт, со државна помош зимуваа деца од семејства со социјален ризик. Но, воедно тогашната власт се обиде во четири до пет наврати да го продаде по цена од 810.778 евра, која на крај падна до 500.000 евра зашто немаше заинтересирани купувачи.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ќе проработи по пандемијата
Сегашната власт уште пред три години соопшти дека целта ѝ е да направи процена на секое детско одморалиште во земјава што е под нејзина надлежност и да ги стави во функција. Последниот одговор што го добивме од Министерството беше дека по завршување на пандемијата планираат одморалиштето пак да работи. Оттаму соопштија дека по завршувањето на пандемијата, проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток ќе продолжи. Овој проект, поради ковид-19, не се реализира летото 2020 и зимата 2021 година.
„Пелистер“ беше изграден со самопридонес на битолчани како модерно детско одморалиште. Беше пуштено во употреба во 1985 година, објект на неколку ката со стотици легла, соби со засебни балкони и тоалети, игралиште, сала за игранки, пространа менза, во срцето на националниот парк. Потоа државата го издаваше под закуп, а немаше инвестирано ништо во одржувањето и модернизација на објектот низ годините. Беше собиралиште на децата од цела држава 31 година, по што замолкна детскиот џагор.