– Радоста на децата нема цена од 300 евра, не можеме да ја платиме и купиме. Можеме да ја направиме заедно со нив и тогаш има смисла – вели мајката на две деца која одлучила на „поалтернативен“ начин да им ги прославува родендените на своите деца, односно на ливада

За пици и алкохолни пијалаци – по 3.000 денари, апетисани 1.000 денари, кифли, салати, мезе, нов фустан за мајката, задолжително нова гардероба за детето – ова се само дел од трошоците што родителите на малите деца ги плаќаат при прослава на родендените на своите деца. Ова е приближно поголемиот трошок што оди за возрасните гости на детските родендени. Во последните неколку години игротеките станаа речиси единствен избор за прославата на детските родендени или барем така си мислиме. Ако имате две или повеќе деца, тој трошок годишно ќе ве чини најмалку 500 евра, или преведено со други зборови – два до три викенда во земјава или во околината. Како и за многу работи, кај нас и за ова се претерува, се согласуваат многумина родители. За среќа, има и такви што размислуваат малку поразлично од мнозинството, па бараат и поалтернативни начини за организирање на одбележување на роденденот – правење пикник, играње во природа.

Организирање мегаломански родендени во игротеките стана престиж за родителите. Па кој ќе открие нова игротека, тоа е за фалење, споделува еден татко, кој признава дека и самиот ги прославувал родендените на своите ќерки во игротеки, иако тој концепт не го поддржува.

– Имаме чудни навики како народ. Кукаме дека немаме пари, поголем дел од населението, освен одмор до Грција со принципот домати во багажник, не може да си дозволи да прошета некаде надвор во текот на годината, но кога станува збор за родендените, без преседан, мора да се прослават богато и со претерување. Сум патувал многу по светот, не дека не се обележуваат родендените, ама не се прават такви папазјании како кај нас. Не велам дека не треба да се одбележи роденденот, ама нека е тоа поскромно, нека се соберат само дечињата, нема потреба и возрасните да присуствуваат, тие реално го прават најголемиот трошок – смета Павел Стојановски од Скопје.

Мајка од Кочани објаснува дека кога станува збор за детските родендени, треба да се одбележат со најблиските и да не се претерува со трошоците.

– Имам две деца и првите родендени не им ги одбележував со многу луѓе, само со најблиските. Децата до четири години едвај разбираат нешто. Па и славење родендени во ресторани, тоа е околу 500 евра трошок, вистински параспурлук. Мои блиски пријателки што работат за 10.000 денари плата славеа родендени во ресторани – објаснува Весела Стојанова од Кочани.

Па има и такви претерувања кога девојчињата се преслекуваат и по два пати на родендените. Родители закупуваат и по два термина за да има време сè да покажат. Сето тоа личи многу повеќе на свадба отколку на детски роденден, а неретки се коментарите од типот, зарем мора да заминете порано, за кого го правев јас ова?

Има и родители што размислуваат малку покреативно и им прават незаборавни родендени на своите деца без притоа да потрошат големи суми.

– Две работи беа пресудни кога почнав да размислувам за поинаков начин на славење на родендените. Ригидноста на понудата во игротеките кои меѓу себе, освен во цената, во ништо друго не се разликуваа. Понекогаш нова маска, подобар или полош аниматор, но главно тука завршува сѐ. После некое време децата не прават разлика на кој роденден било ова или она зашто сите родендени личат еден на друг, дијапазонот на изненадувања е многу мал. Тоа ми беше загрижувачко, сакав да ги видам како им светат очите од радост за време на роденденот. Си ветив дека тоа ќе биде последниот роденден во игротека. Избрав ливада, бевме да ја видиме, фантазиравме и замислувавме што сѐ можеме да правиме тука. Безброј работи… Неколку хартиени украси, балони, врзано јаже на дрво за лулашка, поставен шатор, фудбалска топка, јаже за скокање и ластик… Ливадата се претвори во украсена природа која повикува на игра, што е посебно важно кога имате гости кои ретко го поминувале слободното време во природа. И нормално, на прва е скептицизмот, ама љубопитниот ум не останува рамнодушен, па првиот роденден надвор беше полн и дочекан со многу радост, како од гостите така и од славеникот чии очиња конечно светеа како никогаш дотогаш – вели мајката на две деца Дивна Жежовска, која објаснува дека трошокот за ваквите „алтернативни родендени“ е неспоредлив со игротеките. Потрошила околу 7.000 денари вкупно.

– Радоста на децата нема цена од 300 евра, не можеме да ја платиме и купиме. Можеме да ја направиме заедно со нив и тогаш има смисла – вели Жежовска.

Како и за многу работи, доколку се споредиме со други земји, ќе забележиме дека претеруваме. Во Словенија, на пример, се собираат дечињата, без родителите, најчесто од градинка или од училиште, играат, се почестуваат со скромна закуска и тоа е тоа.

Во Германија, пак, се случува и да нема торта, вели мајка на три деца.

– Во Германија нема ниту торта за роденден, не пак украсување како кај нас. Славениците не се ништо посебно дотерани. Ако децата се веќе во училиште, носат бонбони или слично или, пак, со најмногу пет-шест деца одат некаде – на базен, кино, игротека. Некогаш нема ни торта. На крајот на родендените можат да им дадат на секое детенце ќесенце со гумени бонбони или, пак, лижавчиња. И се собираат само децата, возрасните никако. Кога ги однесовме ние децата на кино, мајките ми реагираа дека тоа било многу скапо – ни објасни Емилија Мишањ, мајка на три деца што живее неколку години во Германија.

Текстот првовремено е објавен на факултети.мк



912

X