Секое дете, ама баш секое има потреба да игра и да се изрази затоа што потребата за себеизразување е во суштина една од основните човекови потреби
Детскиот цртеж е најчестиот креативен израз со кој комуницираме кога децата растат и ги формираат сопствените мислења за себе, за нас, родителите, за секојдневните случувања и преживувања, за одредени значајни личности и за светот пошироко. Детскиот цртеж е платното на кое децата ги изразуваат своите емоции кои произлегуваат од користењето и комбинирањето на бои, интензитетот на цртање, начинот на изразување. Во текот на растот и развојот, кога детето се соочува со тешкотија да се изрази и когнитивно и емотивно, цртежот дозволува да се намали таа тензија на експресија, и единствено така да успее да го искомуницира со другите сопственото гледање. Од друга страна, детскиот свет, голем, шарен, необичен, бара начин како креативно да се изрази и тогаш кога не постои некоја значајна супресија или негативно преживување. Секое дете, ама баш секое има потреба да игра и да се изрази затоа што потребата за себеизразување е во суштина една од основните човекови потреби.
Првите цртежи што децата ги прават се едноставни форми, најчесто кружна или елипсовидна форма. Како што растат, најголем интерес им привлекува човечката фигура, затоа што го цртаат тоа што го знаат, а не тоа што го гледаат. Претшколското дете сака да црта и животни.
Како што когнитивно и емотивно созреваат, тие почнуваат да ги цртаат ситуациите во кои се, или системот во кој во моментот се наоѓаат (семејство, училиште, другарчиња, и сл). Се смета дека децата имаат голема фасцинација од човечката фигура, и таа се интегрира во внатрешниот свет на детето тогаш кога тоа ќе биде задоволно со искуствата што ги проживува. Доколку детето долго време се задржува единствено на цртежот на детска фигура, се смета дека постои определена фрустрација која се пројавува преку цртањето сѐ до моментот кога детето ќе има капацитет да ја интегрира. Тогаш гледаме како детето црта некои други предмети, луѓе, ситуации, животни и дека ја напушта претходната ликовна фиксација на себеси.
Креативниот израз во детскиот цртеж зависи и од сензибилитетот на самото дете. Така, интровертните деца, или социјално изолираните деца многу повеќе сакаат да цртаат и да создаваат многу поиндивидуализирана уметност, да се задржат на неа многу подолго време. Од друга страна, експресивните деца преферираат да користат посоцијален начин на креативно изразување/уметност во група, здружувајќи се со други деца или со возрасниот/родителот во процесот на креативно изразување. Тоа се најчесто деца кои се повеќе екстровертни, свртени кон надвор, со поголема желба за припадност.
Цртањето со сопственото дете е можност родителот да се запознае подлабоко со тоа што детето го преживува, да го изрази својот интерес за сфаќањата и убедувањата на сопственото дете, како и да биде поддршката во неговиот емотивен израз при разбирање на емоциите што ќе се пројават. Доколку детето нема зборови да ја објасни ситуацијата во која се наоѓа, да се изрази како се чувствувало во даден момент и да сфати што навистина се случило, препорачливо е родителот да го поттикне тоа да го нацрта само или заедно. Битен фактор на зближување и подобрување на комуникацијата помеѓу родителот и детето е комуникацијата која се случува во процесот на цртање на цртежот, каде што во атмосфера на забава и доверба, родителот може да ја изрази својата поддршка и да разбере како на најсоодветен начин да му помогне.
Фото: Љубомир Живановиќ
Неколку насоки што би го ослободиле креативниот потенцијал на детето и вклучениот родител во однос на детскиот цртеж и детската приказна се следниве:
1.Цртањето може да се случи секаде, а канaвасот да го избереме согласно она што нè привлекува (стандардната хартија, песок, каменчиња, школки, бетон, дрво, зид, и сл. ) зависно од средината во која се наоѓаме дома, на одмор, кај пријатели, во градинка. Децата многу често пројавуваат интерес за цртање на телото и лицето, што нуди поголемо запознавање и зближување со сопственото тело, истакнување на оригиналниот придонес и изглед. Пожелно е доколку и родителот се вклучува во ваквото цртање, кога дозволува детето да го црта, но и кога родителот црта на телото на детето. На тој начин тие претставуваат две платна кои комуницираат една поинаква поврзаност.
2.Цртањето не се случува само со рацете. Дајте му можност на детето, и заедно со него да цртате со уста, со нозе. На тој начин детето активира делови од телото кои му се попасивни, а свесноста на нивното постоење води кон поголема телесна интеграција.
3.Различни материјали може да бидат медиумот на цртање (боици, креди, јаглен, цигла, сол, памук, сунѓер, и сл. ). Заедно со детето да ги истражувате различните медиуми на цртање, дури и да ги комбинираме доколку се појави интерес, со цел да му ја разбудиме љубопитноста и креативното размислување.
4.Да им дозволиме на децата да искусат цртеж во кој ја имаат целосната слобода на изразот, затоа што токму тој ја отсликува детската реалност во даден момент. На тој начин, родителот има пристап до моменталната емотивна ситуација во која се наоѓа детето, до неговиот увид во ситуацијата, како и потребата таа да се актуализира со цел да донесе нешто ново и разбирливо.
5.Да не им го задржуваме изразот само во боење боенки, туку на полуструктурирани или неструктурирани цртежи. Кога почнуваме цртеж од една точка, гледаме во што таа точка има потенцијал да се развива. Кога и детето и родителот цртаат почнувајќи од еден ист полуструктуриран материјал, може да му помогнеме на детето да увиди многу полесно дека иако поаѓаме од исто, сепак креираме различно, водени од сопствените желби и потреби, дека нема точно решение и дека сечиј израз е валиден.
6.Не постои грешка во изразувањето, затоа на детето треба да им ги дозволиме грешките, и тогаш кога постои границата. Кога постои граница, можеме со нив да истражиме што им се случува кога ќе излезат од границите дали тоа ги плаши или возбудува, и да интервенираме тогаш кога ќе сакаме да им покажеме дека тоа и воопшто не е нешто страшно и дека многупати тоа што нè плаши може да се претвори во нешто убаво. Од друга страна, преку наш пример и наше водство можеме да им покажеме дека грешките многу лесно се трансформираат во нешто убаво и единствено, со што неколку дамки на цртежот можат да прераснат во прекрасни ноти, скинатите кошиња во гусарски мапи, скинатите дупчиња на хулахопките во блескави цветови.
7. Дозволете да креираат со боите што ги сакаат и во сетингот кој најмногу им одговара. Користењето црна боја не значи секогаш страв, анксиозност, смрт и сл., тие информации ги извлекуваме од разговорот со детето пред да заклучиме. Кога се црта, не мора само да се седи исправено, може да се најде соодветната позиција, доколку е во рамките на договорените правила помеѓу детето и родителот. Понекогаш креирајте сетинг во кој ќе цртате во различна звучна атмосфера или, пак, ќе се обидете да ја опишете таа звучна атмосфера преку цртежот.
Кога родителот црта со детето, честопати во него се активира таа одамна заборавена потреба да креира, потребата на неговото внатрешно дете. Неретко се случува родителот заедно со детето да потоне во тој креативен свет и да заборави дека е родителот. Тогаш кога се креира радост на создавањето, ваквата ситуација претставува прекрасен момент на размена и зближување. Но доколку креира чувство на натпревар и докажување, тогаш ризикуваме детето да се вознемири, се исфрустрира, стане агресивно или да се повлече, и да избегнува да црта со родителот повторно. Затоа родителот кој учествува во креативниот израз на детето секогаш треба да биде во контакт и со сопствената игривост и креативност и со улогата и динамиката која ја внесува во релацијата со сопственото дете.
По изработката на цртежот, детето честопати сака да ги презентира и изложи своите дела со цел да го добие уважувањето од околината. Родителите, доколку е потребно, можат да бараат од детето да ја каже приказната на цртежот, дури и да ја напише доколку е способно за тоа, доколку не, родителот може да ја напише на заднината, онака како што детето ја носи. Детскиот цртеж може да го закачите на видно место, некое изложбено место во домот, да го ставите на фрижидерот со магнет сè доколку таа изложеност одговара на детскиот сензибилитет. Доколку детето сака цртежите да ги чува и да не ги изложува, родителот не треба да притиска и да бара. Затоа, разговарајте со вашите деца за животот на цртежот по завршувањето, каде тие би сакале тој да се вдоми? Сигурна сум дека ќе добиете интересни одговори. Како и прашањето: „Кој може да го гледа твојот цртеж?“ Тоа е прашање кое исто така ќе ви донесе многу информации за внатрешниот свет на вашето дете.
Детските цртежи носат еден мал спомен од времето кажан на детски глас, ја носат хронологијата на детската приказна на еден исполнет и креативен живот. Тие се симбол на преживувањата, како и на капацитетите на детето и на семејството за спротивставување и надминување на животните услови.
Затоа, секогаш носете со себе неколку боички во различна боја, или само молив, како и желба да си играте и цртате со вашето дете, каде било и кога било.
912