Игротека

„Системот на игра“ во мозокот се вежба на секое патување

Ако спаѓате во онаа група родители што се трудат да го спречат натрупувањето играчки во својот дом, имаме добри вести за вас. Експертите советуваат дека патувањата и новите искуства подобро влијаат врз детскиот развој отколку скапите играчки. Патувањата може да го забрзаат развојот на детскиот мозок.

Детскиот психијатар Маргот Сандерленд од САД тврди дека одењето на одмор претставува одлична инвестиција во развојот на детскиот мозок.

– Кога одите на семеен одмор, вежбате два генетички интегрирани системи што се наоѓаат длабоко во лимбичкиот дел од мозокот. Овие делови ретко се „вежбаат“ дома. Постои „систем за игра“ и „систем за барање“, истакна Сандерленд за „Хелти холистик ливинг“.

Благосостојба и среќа на детето

Според неа, „системот на игра“ во мозокот се вежба секојпат кога детето ќе ги закопа нозете во песокот, кога ќе го фрлите во базен или кога го носите на грб. Додека, пак, „системот за барање“ се вежба секојпат кога заедно истражувате.

Со вежбање на овие два система се стимулира растот на фронталниот лобус. Овој дел од мозокот е задолжен за когнитивно функционирање, решавање проблеми, емоционално изразување, меморија, јазик и процена. Колку повеќе ги вежбате нивните системи, толку посилни ќе станат вашите деца.

Кога ќе ги однесете вашите деца на годишен одмор, тие имаат можност да истражуваат каде се. Ова го активира нивниот систем за истражување. Со вежбањето на овие два система преку семејните одмори вие придонесувате за целокупната среќа и благосостојба на детето.

Кога се активираат овие системи, во нашиот мозок се ослободуваат допамин, окситоцин и опиоди. Овие супстанции го поддржуваат нашето чувство за блискост во врските. Исто така, тие го намалуваат стресот и ни помагаат да се чувствуваме добро и безбедно.

Истражување спроведено во 2017 година докажа дека се чувствуваме сакани поради времето што го поминуваме со семејството. Во истражувањето учествувале 495 мажи и жени од 18 до 93 години. Учесниците морале да пополнат прашалник и да одговорат на прашања на темата: „Зошто луѓето се чувствуваат сакано?“ Секое од 60. поставени прашања почнувало со: „Повеќето луѓе се чувствуваат сакано кога…“

Истражувачите дошле до заклучок дека повеќето луѓе се чувствуваат сакани кога комуницираат со други луѓе, а не кога добиваат подарок.

– Нашето истражување откри дека овие микромоменти на позитивност, убав збор, галење со детето или чувство на разбирање ги прават луѓето да се чувствуваат сакани. Семејните одмори овозможуваат богатство од можности за интеракции полни со љубов затоа што семејството е ослободено од секојдневни одговорности и пречки – велат научниците.

Затоа, за следниот роденден или празник, наместо играчки, на детето подарете му семеен одмор. Исто така, и од другите луѓе (баби и дедовци) побарајте да учествуваат во финансирањето на семејниот одмор наместо да купуваат играчки. Спомените од тоа посебно време што ќе го поминете заедно како семејство ќе траат многу подолго од играта на детето со која било играчка.

Автор: Еми Скот

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top