Со прекрасната вокална изведба на 42 Македончиња од целиот свет, детскиот хор „Македонски ѕвончиња“ ја освои првата награда на Интернационалниот фестивал „Aphrodite-Voice International-Festival“ што во мај се одржа на Кипар.

Во конкуренција од 15 држави, хорот, кој има седиште во Битола, но ги обединува дечињата со македонско потекло што сакаат да пеат од целиот свет, успеа со „Билјана платно белеше“ да го освои првото место на фестивалот. Хорот го сочинуваа дечиња од повеќе градови во земјава, како и Македончиња од Канада, Шведска, Германија и Швајцарија на возраст од 4 до 17 години.

– Од октомври ѕвончињата се проширија меѓународно. Вклучивме Македонци што живеат во странство за да се негува македонскиот јазик, македонската песна, да се дружат децата онлајн , да ја искористиме пандемијата во позитивна насока. Досега имаме 18 деца од странски држави, некои од нив зборуваат македонски, но некои не го познаваат јазикот и многу се радувам што родителите ја препознаа можноста, па дечиња заедно со нас го вежбаат македонскиот јазик, напредуваат во изговорот, разбирањето на зборовите, но и во ширењето на македонската култура низ светот – рече Марина Коруновска, уметнички раководител на „Македонски ѕвончиња“, професор по пеење и вокален педагог.

„Билјана платно белеше“ е втор проект на „Македонските ѕвончиња“ во кој познатата традиционална песна е изведена од дечиња со музичка придружба онлајн, а видеоматеријалот е збогатен со убавините на Македонија. Со неа ќе настапат и на Интернационалниот фестивал за мир во Виена, Австрија, овој пат онлајн. На овој фестивал нема да се натпреваруваат, туку само ќе учествуваат на покана на организаторите, а од 6 до 11 јуни ќе биде претставена нивната музичка изведба онлајн.

– Хоровите можат да функционираат и онлајн, некои беа скептични дека може да се пее преку интернет-врска, но ова е доказ дека е возможно, само треба да се најде начин. Дефинитивно е потешко, не е исто како во живо, но напредокот кај децата има евидентен – вели Коруновска.

Во првиот онлајн-проект поткрепен со видеоматеријал дечињата ја испеаја „Македонско девојче“.




912

X