Детскиот додаток игра важна улога во борбата против детската сиромаштија, но трошоците што ги издвојуваат државите по жител значително варираат од земја до земја во Европа.
Детскиот додаток низ Европа е многу различен. Додека Луксембург, Норвешка и Германија издвојуваат најмногу по жител, земјите од Балканот, како Србија и Албанија, се на самото дно. Новите податоци откриваат колку државите навистина вложуваат во семејствата и во борбата против детската сиромаштија.
Детскиот додаток е клучен за намалување на сиромаштијата и промоција на социјалната вклученост. Системите за социјална заштита и детскиот додаток во Европа се многу различни. Еден од начините за споредба е колку секоја земја троши по жител.
Колку вложуваат државите во поддршката на семејствата?
Според податоците на „Евростат“, во ЕУ трошоците по жител за детски додаток во 2022 година се движеле од 211 евра во Бугарија до дури 3.789 евра во Луксембург.
Кога ќе се вклучат и земјите кандидати за ЕУ и земјите членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), Албанија имала најниски додатоци – само 48 евра по жител, а веднаш зад неа се Турција (57 евра) и Босна и Херцеговина (59 евра).
Општо земено, најмногу детски додаток по жител имаат северните и западните земји на Европа, додека најмалку има во јужните и источните делови.
По Луксембург, на врвот се нордиските земји: Норвешка (2.277 евра), Данска (1.878 евра), Исланд (1.874 евра), Шведска (1.449 евра) и Финска (1.440 евра).
– Нордиските земји и Франција сѐ уште се меѓу државите што најмногу трошат за детски додаток, иако нивниот систем повеќе зависи од услуги како згрижување на деца, кои не се вклучуваат во паричните додатоци по жител – објаснува д-р Ена Дејгер од Универзитетот во Бристол.

Германија (1.616 евра), Швајцарија (1.375 евра), Австрија (1.340 евра) и Ирска (1.026 евра) исто така издвојуваат над 1.000 евра по жител. Белгија (976 евра) и Франција (867 евра) се над просекот на ЕУ, но не надминуваат 1.000 евра.
Холандија нуди 670 евра по жител, што е 160 евра под просекот на ЕУ.
Италија (524 евра) и Шпанија (427 евра), кои се дел од „големата четворка“, исто така се под просекот.
Земјите кандидати за ЕУ нудат најниско ниво на детски додаток. Црна Гора (131 евро) и Србија (117 евра) се веднаш зад Албанија, Турција и Босна и Херцеговина, кои се меѓу трите земји со најниски детски додатоци.
Професор Грега Стрбан од Универзитетот во Љубљана предупредува на претпазливост при споредбата.
– Проблемот е дали сите земји на ист начин го класифицираат детскиот додаток – вели тој.
Тој истакнува дека зад овие податоци стојат многу различни политики.
– Некои земји се фокусираат на поддршка на родителите (или старателите на децата), други на самите деца и студенти. Некои додатоци се универзални, други таргетирани. Некои се поврзани со инвалидитет или социјална помош – додава професорот.
Што ги поттикнува промените во детските додатоци?
– Трошоците за детски додаток по жител значително се зголемиле во ЕУ од 2012 година, но причините за овој раст се различни во секоја земја – вели д-р Ена Дејгер.
Таа истакнува дека најизразен раст има во земјите од Централна и Источна Европа, особено во Унгарија и Полска.
– Растот во овие земји е поттикнат од селективни политики насочени кон зголемување на наталитетот и поддршка на традиционалните семејни модели. Овие стратегии се главно финансиски – вели таа.
Зголемувањето на детскиот додаток, исто така, може да одразува различни приоритети.
– На пример, Литванија значително го зголеми детскиот додаток со воведување универзален детски надоместок во 2018 година, со цел намалување на детската сиромаштија и обезбедување пристап до поддршка, особено за семејства со ниски приходи кои претходно биле исклучени од даночните системи – објаснува таа.
– Јужноевропските земји како Грција и Кипар забележуваат стагнација или само благ раст на детскиот додаток, иако имаат ниски стапки на наталитет – истакнува д-р Дејгер.
Што претставува детскиот додаток?
Детскиот додаток е секаков вид помош во пари или услуги наменети за покривање на трошоците на семејствата, според законодавството за социјална заштита на одредена земја, според дефиницијата на Европската комисија.
Во овие додатоци спаѓаат родителски надоместоци, надоместоци за чување и воспитување на деца кои помагаат да се покријат трошоците или да се надомести изгубениот приход на родителите кои престануваат да работат, како и надоместоци за згрижување на деца на вработени родители.