„Глумењето“ кај мало дете не е однесување што треба да се казнува, ниту пак е причина да чувствувате срам. Тоа навистина не е ништо повеќе од привлекување внимание – детето сака да биде забележано, можеби е премногу изморено и поспано, или едноставно му требаат поцврсти, поконзистентни граници. Вашето малечко ја тестира својата независност. Можете и самите да го препознаете тој огромен импулс за надминување на границите и очајната потреба за безбедност и контрола.
Нема сомнеж – на децата им е потребна дисциплина. Магда Гербер, терапевт и воспитувачка, вели: „Недостигот на дисциплина не е љубов, тоа е занемарување“.
Клучот за здрава и ефективна дисциплина лежи во нашиот став. Раното детство е совршено време за усовршување на родителските вештини кои ќе обезбедат искрено, директно и сочувствително водство (од кое нашите деца ќе зависат во годините што доаѓаат).
Ви предлагаме неколку совети и упатства.
Создајте предвидлива средина и реални очекувања
Започнете со предвидлива средина и реални очекувања. Предвидливата дневна рутина му овозможува на детето да предвиди што се очекува од него. Тоа е почеток на дисциплината. Домот е идеално место за доенчињата и малите да го поминуваат поголемиот дел од денот. Секако, понекогаш мораме да ги земеме со нас кога треба да извршиме некои итни обврски, но не можеме да очекуваме дека малите ќе се однесуваат најдобро на забавите, долгите попладневни часови поминати во трговскиот центар или кога денот им е преполн со закажани активности.
Одговорете, мирно, во самиот момент, како „извршен директор“
Пронаоѓањето на вистинскиот тон за поставување граници може да потрае и бара малку практика. Замислете дека сте успешен директор на компанија и дека вашето дете е ваш „вработен“. Извршниот директор ги коригира грешките на другите со самоуверена, заповедничка ефикасност. Не користи несигурен, прашален тон, не се лути и не реагира емотивно, кога треба да дејствува. Нашето дете треба да чувствува дека не сме нервозни поради неговото однесување, или амбивалентни околу воспоставувањето правила. Тоа наоѓа утеха во фактот дека вие го водите.
Кога му држиме „предавање“ на детето, го караме и казнуваме, не му ја даваме потребната јасност, а може да предизвикаме и чувство на срам и вина. Секогаш е подобро едноставно да кажете: „Нема да ти дозволам да го правиш тоа“ или „Ако пак го фрлиш тоа, ќе морам да ти го одземам“. Важно е веднаш да се реагира бидејќи кога ќе помине моментот, веќе е доцна за таков чекор. Подобро почекајте ја следната ситуација!
Зборувајте во прво лице
Родителите често имаат навика да се нарекуваат себеси „мама“ или „тато“. Зборувајте во прво лице за да изградите најискрена и најдиректна комуникација со децата. Малите деца ги тестираат границите за да ги разјаснат правилата. Кога велиме: „Мама не сака Лазар да го удира кучето“, не му давате на детето директна („ти“ и „јас“) интеракција, која му е потребна.
Нема тајмаут
Методот на тајм-аут или пауза е особено популарен кај современите родители. Но, токму Магда Гербер, како експерт за доенчиња и мали деца, е против ваквите финти.
„Пауза од што, од животот?“ – Магда Гербер
Магда верувала во директен, искрен јазик меѓу родителот и детето. Не верувала во трикови како тајмаут, особено кога тие се насочени кон контролирање на однесувањето на детето или казнување. Ако детето лошо се однесува во јавност, тоа обично покажува дека е уморно, губи контрола и има потреба од безбедно, познато опкружување. Носењето на детето до автомобилот за да си оди дома, дури и ако клоца и вреска, е начин да се реши проблемот. Некогаш детето е луто дома и во тој случај треба да го однесеме во неговата соба за да се размавта со рацете и нозете таму, но и да плаче во наше присуство, додека не се смири и не ја врати самоконтролата. Сите овие методи не се казни, туку грижливи начини да одговорите на фрустрациите и гневот на вашето дете.
Посочете ги последиците
Детето најдобро ја учи дисциплината кога доживува природни последици за неговото однесување, наместо неповрзана казна како што е тајмаут. Ако детето ја фрли храната, времето за оброк е завршено. Ако детето одбие да се облече, нема одење во парк. Овие родителски одговори го привлекуваат чувството на правичност кај детето. Детето сепак може негативно да реагира на последицата, но да не се чувствува изманипулирано или засрамено.
Не казнувајте го детето поради плачењето
На децата им требаат правила за да се однесуваат добро, но тоа не значи дека треба да ги прекинеме нивните емотивни реакции на границите што ги поставуваме. Детството може да биде време на интензивни, конфликтни чувства. Децата можеби ќе треба да изразат гнев, фрустрација, збунетост, исцрпеност и разочарување, особено ако не го добијат она што го сакаат затоа што ние сме поставиле граници. Детето треба безбедно да ги изразува своите чувства без наша процена. Можеби ќе му треба перница за удирање – дајте му.

Безусловна љубов
Кога ја повлекуваме нашата наклонетост од детето за да го дисциплинираме, го учиме дека нашата љубов и поддршка не се безусловни и дека може да исчезнат поради неговото лошо однесување. Како може ова да промовира чувство на сигурност? Ваквото „условно родителство“ може да му наштети на детето. Како што расте детето, може да се бунтува, да не им верува и да не ги сака своите родители, да чувствува вина, срам и недостиг на самопочит.
Избегнувајте го тепањето
Тепањето може да предизвика најголема штета во односот на доверба меѓу родителите и децата. Удирањето е показател за насилничко однесување. Ако детето е истепано, поголеми се шансите и самото да стане агресивно.
Намерното нанесување болка на детето не може да се направи со љубов. За жал, детето често учи да ги поврзува тие две работи.
Да го сакате вашето дете не значи дека секогаш треба да го правите среќно и да избегнувате борби за моќ. Често е потребно да го правиме она што ни е најтешко – да кажеме „не“ и да го мислиме тоа. Нашите деца ги заслужуваат нашите директни, искрени одговори за да можат да разликуваат „правилно“ од „погрешно“ и да развијат автентична самодисциплина, потребна за самопочит и почит од страна на другите. Уште еднаш да ја цитираме Магда Гербер: „Целта е внатрешна дисциплина, самодоверба и радост во чинот на соработка“.