Искушението да се приклучиме кон движењето „нова година, нов/а јас“ во моментов го достигнува својот врв. За родителите, ова може да вклучува план за промена на нивниот пристап кон родителството, честопати за подобро управување со предизвикувачкото однесување. Некои може да усвојат строг план кој ветува драматични резултати за краток временски период, со малку или без напор.
Промените не мора да бидат драстични
Детскиот психотерапевт Колман Ноктор во својата последна книга „Зона 4-7“ промовира концепт кој бара умереност за да се одржи она што тој го нарекува ментална кондиција. Тој споменува како родителите може да веруваат дека се неопходни интензивни или драстични промени за да бидат ефективни.
Меѓутоа, во повеќето случаи позитивната промена на однесувањето нема да се случи поради примена на нова стратегија или специфична интервенција. Имено, позитивна промена во однесувањето настанува кога ќе се продлабочи разбирањето на родителите за проблемот на детето, што води до информиран, сочувствителен разговор. Тој наведува дека отвореноста е клучна за разбирањето на децата.
Родителите треба да покажат дека се подготвени за отворени разговори, така што децата ќе бидат подготвени да го направат истото. Ова се советите на детскиот психотерапевт.
Обидете се да ги разберете нивните потреби
Правилата предизвикуваат промени преку страв, додека силните вредности доведуваат до промена преку подлабоко разбирање на последиците од однесувањето. Клучна цел на родителството е да им се пренесат добри вредности на децата за да можат да изберат да ја направат вистинската работа кога ќе дојде време за тоа, додека родителството засновано на правила резултира со усогласеност само додека децата знаат дека се набљудувани.
За оние што сакаат да ги подобрат своите пристапи кон родителството во 2024 година, не треба фокусот да биде на воведување драстични промени, туку на инвестирање време во подобро разбирање на детското однесување, објаснува Ноктор.
Разбирање на однесувањето
Детскиот психотерапевт вели дека однесувањето на децата главно има три функции: соочување, контролирање и комуникација.
Без разлика дали станува збор за мало дете кое постојано плаче, дете од основно училиште кое одбива да оди на часови или тинејџер кој категорично одбива да учествува во какви било воннаставни активности, овие однесувања обично се обиди за справување, контролирање или комуницирање за тоа како се чувствуваат.

Родителите често веруваат дека нивна работа е да го променат однесувањето на децата, но ова е подоцнежен дел од процесот. Првото нешто што треба да го направиме е да го разбереме значењето зад однесувањето на децата. Ноктор тврди дека ова однесување треба да го гледаме како патоказ за проблемот, а не како да е самиот проблем. Тој советува да се трудиме повеќе да го разбереме предизвикувачкото однесување на децата за да ги постигнеме нашите новогодишни родителски цели.
Па така, важно е да се обидеме да ги разбереме нашите деца и да го видиме светот низ нивните очи. Клучно е да инвестираме во пренесување вредности наместо во правила. Децата подобро реагираат на примањето поддршка за остварувањето на нивните цели отколку на заканите дека ќе бидат санкционирани доколку не се променат.